Иселувањето на граѓаните од Македонија е еден од најголемите проблеми со коишто се соочува државата, а Владата тоа немо го набљудува и буквално со прст не мрда, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Како што потенцира Владимир Ѓорчев, цели семејства се иселуваат, цели општини буквално исчезнуваат, се селат огромен број на луѓе и тоа веќе ги засега стотици и стотици илјади граѓани на Република Македонија, а таквото иселување е директна последица на  економскиот дебакл на економскиот тим на Владата на Зоран Заев, Кочо Анѓушев и Драган Тевдовски.

Поради таквата состојба, Ѓорчев ја повикуа Владата час поскоро да закаже итна седница на Владата посветена на иселувањето, посветена на исчезнувањето на Македонија, посветено на катастрофалната економска, демографска и секакво друга ситуација во еден куп општини во Република Македонија.

Ова е буквално алармантна состојба, а гледаме дека Владата буквално ништо не презема. Уште еднаш овој невиден досега во историјата на Македонија егзодус, иселување од Македонија е директна последица на тоталниот дебакл на економските политики на Зоран Заев, Кочо Анѓушев, Драган Тевдовски и министрите за странски инвестиции кои што имаат цели кабинети, возила и сите удобства а имињата не им ги знаеме. Една инвестиција не донесоа, едно ново место работно не отворија.

Затоа заминуваат младите, си заминува народот. Народот ни се топи како снег во април, исчезнува државата. Ако нема народ, а очигледно дека ни снемува народ не може да има економија, не може да има пензиски систем, не може да има ни школски систем , не може да има ни здравствен систем, нема да има ни потрошувачи, нема да има ништо, туку буквално мртвило. Тоа се тие црнила за кои што зборуваме – изјави Ѓорчев.