Во услови  кога медицинските сестри масовно  ја напуштаат државата за да работат во некои од европските земји, тие се изоставени  од јануарското покачување на платите.  Од Унијата на медицински сестри  се заканија со протест доколку властите немаат слух за нивните барања

Срамота е што сестринската фела е повторно ставена на маргините во нашето општество. Медицинските сестри не се планирани во буџетите на здравствените институции за покачување на платите, за едукации, за признавање на нашето образование, за нашите специјализации, се вели во реакцијата од Унијата на медицински сестри ЗМСТАС.

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека се прават напори да се обезбедат средства од буџетот за зголемување на платите на сите здравствени работници од почетокот на наредната година.

Знам точно што се случува зашто имаме континуирана комуникација и со синдикатот на Клинички центар и со Гранковиот синдикат и со здружението на медицински сестри и техничари. Во текот на вчерашниот ден имаше разговори околу буџетот. Некои работи се финализираат. Правиме напори да ги обезбедиме сите потребни средтства. Јас верувам дека ќе успееме заради тоа што сите здравствени работници заслужуваат да го добијат тоа, вели Филипче.

Тој појасни дека иницијалниот план беше лекарите – специјалисти да го добијат покажувањето на почетокот на годината, а средниот медицински кадар и останатите вработените во септември, но сега вели се работи на тоа сите да го добијат зголемувањето на платите од јануари.

Во следните неколку денови ќе излеземе со конкретни информации, вели Филипче.