Кога премиерот Зоран Заев веќе е толку заинтересиран што се случува со истрагата за „Рекет 2“, еве јавно ќе споделам некои информации, што за премиерот можат да бидат од интерес, пишува во најавениот текст новинарот Бранко Героски на порталот Плусинфо.

Героски потсетува на полемиката меѓу пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, и премиерот Заев на собраниската седница посветена на пратеничките прашања, на која екс-министерот за надворешни прашања постави прашање поврзано со случајот „Рекет 2“.

Да се изнесе аподиктичен суд директно од собраниската говорница, за случај кој е во истрага, од страна на премиер кој е највисок претставник на извршната власт, која не смее да се меша во работата на правосудните органи, значи не само елементарно непочитување на системот на поделба на власта, не само обид да се изврши влијание врз истрагата од позиција на политичка моќ, туку и нешто многу пострашно – тоа значи дека премиерот се обидува лично да ја менаџира истрагата во сите нејзини фази, што е поведение за кое сигурно ќе биде жестоко опоменат од нашите европски партнери, пишува Героски.

Така, како што неофицијално дознавам, засегната странка во случајот дала исказ во Јавното обвинителство и во таа прилика навистина станало збор за некакви пари. Големи пари. Но, не за оние пари на кои се надева Заев. Туку за парите што засегнатата изрекетирана странка редовно, уредно, на месечно ниво, ги исплаќала под притисок, за нормално да течат исплатите од здравствената каса за услугите за дијализа. И не само заради тоа – странката изјавила дека морала да плаќа рекет, за да не им се случи „црн сценарио“, што наводно Ден Дончев им го најавувал преку посредник. Зборуваме, значи, за пари кои завршувале во нечиј џеб, за редовни исплати при што како посредник се јавувал „човекот со брада“. Неофицијално дознавам дека засегнатата странка го посочила и идентитетот на „човекот со брада“, изјавувајќи дека станува збор за влијателно свештено лице, кое често може да се види во високи кругови на естаблишментот.

Ете му материјал на Заев за некоја друга препирка, ако веќе толку обожува да се меша во истраги и обвинителски работи. Јас сепак мислам дека е најдобро и тој и сите други луѓе со политичко влијание и моќ, а особено луѓето од извршната власт, да ги остават Јавното обвинителство и истражителите спокојно и самостојно да си ја вршат својата работа, да ги истражуваат наводите до кои доаѓаат, да собираат докази, да ја утврдуваат вистината…. Јас мислам дека и сега, со својата упорност да го одбрани чуварот на здравствената каса, од една очигледна злоупотреба на службената положба и овластувања, Заев трча побрзо од топката, шиба во офсајд и веројатно еден ден ќе мора да ги смени и своите искази за Ден Дончев.

После сѐ, не разбирам зошто Заев толку безглаво ризикува, зошто повторно се обидува да игра „ол ин“ без адути во ракавот и зошто воопшто се плетка во работи кои не се негов прерогатив. Зошто не може да каже – простете, јас сум премиер, а прашањата што ги поставувате се однесуваат на истражна постапка, обратете се кај надлежните органи. Начинот на кој Зоран Заев се обидува да „дисеминира“ наводи за криминални и корупциски зделки потсетува на начинот на кој тоа го прави Зоран Буревесник Божиновски. Но, еден контроверзен новинар може да си земе таква слобода, да изнесува аподиктични судови, да „пресудува“ практично, да ги интерпретира фактите слободно, понекогаш и пристрасно. Но, првиот човек на една влада не може да си дозволи такво поведение.

За која позиција сега се натпреварува кутриот Заев, што сака да биде тој после овие избори? Премиер? Обвинител? Шеркол Холмс? Или Зоран Буревесник Божиновски?

Целот текст на Героски, можете да го прочитате на следниот линк.