Во очекување на финален договор за преговарачката рамка за Македонија, која е чекор кон одржување на првата меѓувладина конференција за старт на преговорите за членство на земјава во ЕУ, меѓународните експерти со оценка за апсурдноста на условите кои доаѓаат од официјална Софија.

Австрискиот политички аналитичар и директор на тинк-тенкот Европската иницијатива за стабилност, Гералд Кнаус, оценува дека доколку не се најде решение за најавата на Софија за блокада на пристапните преговори на земјава, ЕУ ќе го загуби кредибилитетот на политиката за проширување, што би било трагично за Унијата, за Македонија и за Бугарија.

Ако не се реши ова, кредибилитетот на политиката за пристапување во ЕУ ќе се распадне во 2020 година, под германското претседателство со ЕУ. Во време на веќе огромна нестабилност околу ЕУ – оценува австрискиот експерт за Западен Балакан.

Барањето на Софија и на шефицата на дипломатијата Екатерина Захариева Скопје да признае дека македонскиот народ и јазик имаат бугарски корени, тој го оцени како апсурдно.

Замислете Германија да инсистира „Австрија да ги признае германските корени“, заканувајќи се со „тензии“ ако не го стори тоа. Шведска да ѝ го прави тоа на Норвешка. Чесите ова да им го кажат на Словаците. Апсурдно? Да! Тоа е она што го прави Бугарија, уривајќи го кредибилитетот на политиките на ЕУ за Балканот – пишува Кнаус на неговиот Твитер налог.

Захариева минатиот петок во интервју за Ројтерс изјави дека Бугарија не го оспорува правото на Република Северна Македонија на самоопределување, ниту правото да го нарекува својот јазик како што сака и дека Софија е подготвена да ја потврди сегашната реалност, но Скопје „треба да ја признае историската вистина“.

Нашата загриженост е поврзана со постојаните тврдења на РСМ кон македонско малцинство во нашата земја. Ако тие ги препознаат корените на нивната нација и јазик, ова ќе заврши – додаде таа.

Наредна можност за надминување на разликите, со Бугарија пред одржувањето на Советот на ЕУ на почетокот на ноември, е средбата на шефот на дипломатијата Бујар Османи со неговата колешка Захариева в четврток во Софија на настанот „Западен Балкан по 2020: Акции и одлуки во време на пандемија“, на кој ќе се обрати и еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји.