„Чувството на земјотрес не може да се контролира, не можам ниту јас да го контролирам, но треба да знаеме дека објектите не се рушат така лесно“, смирува експертот по сеизмологија Михаил Гаревски за „Лидер.мк“. Тој смета дека ризикот од повреда е многу поголем доколку во паника се пробува да се напушти објектот кога тресе.

– Многу често се случува дел од парапетот од кровната конструкција да падне и да ве повреди, сетете се на сите оние фотографии кои ги гледаме со смачкани автомобили, вели долгогодишниот поранешен раководител на Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.

Општа препорака која важи и во светот е објектот да не се напушта и да се засолниме под маса, но тоа не значи, вели Гаревски, дека доколку објектот се сруши засолнувањето под маса ќе не спаси, туку се поаѓа од тоа дека живеалиштето сигурно нема да се сруши.

– Сеизмички добро проектираните објекти не смеат да се рушат и не се рушат. Засолнувањето под маса е од аспкет некој предмет да не падне врз вас, дури и шифоњер, бидејќи при земјотреси како последниот во Албанија настанува хаос во вашиот стан, половина од работите, сталажи, полици паѓаат насекаде, вели Гаревски.

Уверува дека објектите во Македонија градени по 1963-та се сигурни од земјотреси. Сепак постои ризик кај градбите од почетокот од 90-тите години зошто тогаш започнале првите приватни компании да градат без многу контроли, но и масовната наградба на веќе постоечки објекти, посочувајќи го како пример Дебар маало и централното градско подрачје.