Македонскиот парламент гласаше за почеток на процесот на преименување на државата во Северна Македонија, голем чекор кон ставање крај на со децении заглавениот спор за името со Грција, пишува британски „Гардијан“, додавајќи дека со ова за земјата се отвораат вратите за членство во НАТО и во ЕУ.

Весникот наведува дека вкупно 80 од 120 пратеници гласале за преименување на земјата во Република Северна Македонија, со што е исполнет условот за двотретинско мнозинство за да почне процесот за уставни измени.

„Гардијан“ потсетува дека референдумот на 30 септември не бил успешен затоа што немал потребна излезност од 50 проценти, по што на парламентот му е оставена задачата да го затвори договорот постигнат со Грција.