Судското рочиште за тужбата за клевета против поранешниот претседател на Собранието на РМ, Стојан Андов, што ја има поднесено професорот Љубомир Фрчкоски пред Основниот суд Скопје-2, денеска не доби епилог.

И денеска во судницата биле дадени поднесоци со докази од двете страни, што ќе треба да разгледаат во наредниот период. Следното рочиште е закажано за 31 октомври.

Професорот Фрчкоски ја поднесе тужбата за клевета неколку месеци по објавувањето на книгата „До атентатот и по него“, во која, според него, се содржани клевети, што имплицираат негова вмешаност во атентатот врз првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров. Истовремено, професорот Фрчкоски бара и забрана за книгата.

Одбраната на Андов, пак, смета дека Фрчкоски не е наклеветен, бидејќи бившиот претседател на македонскиот парламент пишувал за пропустите во истрагата во тоа време, а тврдењето го поткрепува со факти и со дадени изјави.