Кандидатката за нов претседател на Европската комисија, германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен вели дека останува посветена на започнување преговори за членство во ЕУ на Република Северна Македонија и Албанија.

Во одговор на прашања на групата на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите во Европскиот парламент, Фон дер Лајен посочува дека е посветена на тоа и покрај противењето на некои лидери на земји членки на Унијата, меѓу кои се и францускиот претседател Емануел Макрон и холандскиот премиер Марк Руте.

Фон дер Лајен минатата недела при претставувањето на својата програма во Европскиот парламент изјави дека Северна Македонија претставува „светол пример“ за тоа „што е можно да се постигне, кога луѓето пред себе имаат јасно поставена цел, а во случајов членството во ЕУ“.