„Беше ветено дека Северна Македонија во случај на потпис и ратификација на Преспанскиот договор, во јуни оваа година ќе добие зелено светло за почеток на преговори, но тоа не се случи. Словенија би сакала, како и во разговорите со македонските пријатели, како и во разговорите со нашите пријатели во Европската унија, во европското семејство, да каже дека тоа не е во ред, не е добро и дека следниот Самит на лидерите на ЕУ е можност оваа грешка да се поправи“, изјави словенечкиот претседател Борут Пахор, на денешната средба со претседателот Стево Пендаровски.

Тој, на средбата во Љубљана, што се одржа при официјалната посета на Пендаровски во Словенија, истакна дека Северна Македонија направила извонредни, неверојатни, навистина мошне тешки чекори, да ги исполни високите очекувања на Грција и на меѓународната заедница, за да може да продолжи по патот на евроатлантските интеграции. Пахор притоа додаде дека Словенија ќе стори се за да може да ја убеди Европа за да почне со преговорите, како заради мирот и безбедноста на Западниот Балкан, така и заради ветувањата што беа дадени на македонскиот народ, како и заради перспективите на Европската унија во малку поширока временска рамка, нагласи Пахор.

Запрашан дали очекува некакви тешкотии со новата грчка Влада во врска со Преспанскиот договор, претседателот Пендаровски одговори дека јавно декларираните заложби на новата грчка Влада се оти ќе го почитуваат Договорот и оти притоа ќе се залагаат за постриктна или поригидна негова имплементација.

Од наш најголем опонент на евроатлантскиот пат, Република Грција денес е нашиот најстабилен сојузник и најголемиот поддржувач. Очекуваме така и да остане, сосема небитно е што имаат нова Влада во Атина, затоа што принципите на кои е поставен Преспанскиот договор се, по наше длабоко уверување коректни, балансирани и се во интерес на двата народа и на двете држави, рече Пендаровски.

На прашањето, што очекува од новата Европска комисија и дали се плаши од понатамошно продолжување на постапките во однос на ширењето на Европската унија, односно да не добиеме датум на есен, претседателот рече дека сите во Северна Македонија се разочарани што ЕУ не го испорачала тоа што го ветила на минатогодишниот софиски Самит, кога децидно беше договорено во јуни да добиеме датум веднаш по европските избори.

Јас се надевам, такви гаранции добивме од нашите силни поддржувачи и пријатели од Брисел, дека овојпат навистина станува збор само за техничко одложување на процесот, дека нема никакви дополнителни политички процедури или предуслови за почнување на тие преговори, и дека навистина одлуката ќе помине во германскиот Бундестаг во септември, а Европската унија ќе ја донесе својата одлука во октомври, со прецизирање на датум за преговори. Ние се надеваме, а како што е договорено, дека најдоцна до септември ќе имаме и нови функционални европски институции, кои ќе можат да ја донесат таа одлука, наведе Пендаровски.

Тој додаде  дека ние не бараме да бидеме членка на ЕУ за да добиеме кеш пари, туку да го организираме, да научиме како да го организираме нашето општество на принципи кои нив ги има направено успешни држави.

На средбата на Пендаровски и Пахор, соопштија од претседателскиот кабинет, биле потврдени традиционално блиските односи и високиот степен на разбирање и доверба меѓу двете држави.