Министерот за здравство Венко Филипче ги извиси вработените со здравствениот сектор. Според информациите на Курир, вработените мартовската плата нема да ја добијат со најавеното покачување од министерот за пет проценти.

Вработени од повеќе здравствени установи и клиники ја контактираа нашата редакција во текот на неделава и не’ информираа дека во платата која се подготвува за исплата не е пресметано најавеното покачување.

Курир во средата се обрати до Министерството за здравство и праша дали вработените ќе го добијат најавеното покачување од пет проценти. До објавување на овој текст одговор од Министерството не добивме.

Според неофицијални информации на Курир, обезбедени се пари за најавеното покачување на платите, но само за неколку месеци. Информациите до кои дојдовме велат дека вработените во здравството покачувањето ќе го добијат понатаму, но не како зголемување на платата, туку во вид на исплатен додаток.

Министерот Филипче на 9 март преку објава на Фејсбук информираше дека започнувајќи од мартовската плата ќе има зголемување на платите за сите вработени во здравствениот сектор за пет проценти.

Се очекува вработените во здравството платата за март месец да ја добијат денеска.