Федерика Могерини, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, изјави минатата недела дека ЕУ сега е соочена со Северна Македонија која го реши спорот за името со Грција. Но, пишува австриски „Ди пресе“, повикувајќи се на европски дипломат, тој аргумент е на стаклени нозе.

„Промената на името никогаш не беше услов за проширување, туку само за членствотото во НАТО“, истакна европскиот дипломат и додал дека реформскиот процес во Македонија и Албанија не се одвива добро

Инаку, весникот „Ди пресе“ денес објави дека неколку земји-членки на ЕУ се против почнување преговори за членство на Албанија и Македонија. Според весникот, оваа порака денес амбасадорите на земјите од ЕУ ќе му ја пренесат на комесарот за проширување Јоханес Хан на редовниот неделен брифинг. Бидејќи одлуката се носи со консензус на 28. членки, се исклучува дека двете земји од Западен Балкан ќе направат чекор напред кон ЕУ, констатира весникот.

Притоа, во написот се истакнува дека дури и „посетата на Северномакедонскиот премиер Зоран Заев на Брисел не го смени расположението“.

Франција и Холандија се двете земји кои силно се противат на отворање преговори за членство со двете земји.

„Кога бев министер за надворешни работи го блокирав проширувањето на ЕУ за Албанија и за Северна Македонија. Ние сме против и ќе останеме против. Тие географски се во Европа, вие мора да им помогнете, но не со проширување“, потенцира Натали Лоизо, лидер на листата на партијата на претседателот Емануел Макрон, Марш на Републиката.

Во однос, пак, на Албанија, Холандија оди и чекор понапред и треба да одлучи дали ќе ги укине визите за граѓаните на Албанија, прашање ко е ставено и на маса на Европската комисија.

Но, весникот констатира дека не се само Франција и Холандија противници на проширувањето, туку и во Германија и во Данска нема договор околу отворањето преговори за членство со овие две земји. Во Дaнска денес се одржуваат парламентарни избори на кои се очекува победа на социјалдемократите. Според партискиот лидер Мете Фредериксен партијата се придвижила цврсто кон десно, а тоа значи и сменет курс на надворешната политика.

Македонија чека во ред во Бундестагот

„Во Германија, освен скептицизмот за реформите во двете земји, има и процедурални причини кои говорат зошто не можат да дадат согласност пред летото. Владата може да одобрува почеток на преговори со трета земја со претходна авторизација од Бундестагот (парламентот). Тој заседава пред летниот распуст, но само оваа недела и последната недела од јуни. Од тука, парламентарците немаат време да го проучуваат и да дебатираат за Извештајот за напредокот. Најдоцна на крајот на септември Бундестагот ќе може да донесе одлука за тоа“, го цитира „Ди пресе“ Јохан Вадепул, шеф на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ.