Покрај Уставот, кој вели дека оставката на премиерот повлекува оставка и на целата Влада, предвременото заминување на шефот на Владиниот кабинет, е регулирано и со собранискиот Деловник.
Во него има два члена со кои се регулира постапката по оставката на премиерот.
Членот 219 од собранискиот Деловник вели дека „Владата, претседателот на Владата или член на Владата можат да поднесат оставка. Оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи… Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката“.
Наредниот член 220 натаму вели дека „Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата“.
Преземајќи ја одговорноста за лошите резултати и губењето на локалните избори, премиерот Зоран Заев синоќа поднесе оставки и на премиерската и на лидерската позиција во СДСМ. Но, притоа не навести кога ќе ја поднесе оставката и кој би можел да ја преземе и Владата и партијата.
Comments are closed for this post.