Без напредок во спорот со Бугарија,  Македонија не може да се надева на отворање на преговорите за пристапување во ЕУ, порача вчера за време на посетата во Скопје еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји.

-Напорно работиме на случајот на Македонија, но уште не сме до посакуваната цел. Работиме со членките на ЕУ да се најде решениe и да се постигне согласност, изјави еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, одговорајќи на прашање на МИА дали е можно отворање на пристапните преговори во јуни и раздвојување на Северна Македонија и Албанија.

За одвојувањето на Скопје и Тирана, Вархеји рече дека пристапниот процес се базира на постигнувања.

– Ова е процес кој се базира на постигнувања. Албанија ги има постигнато условите, но ако нема договор за Северна Македонија мислам дека ќе дојде момент кога ќе треба да ја разгледуваме и таа опција. Разговаравме со Заев за ова прашање, се согласивме дека ќе мора да се постигне напредок од двете земји, рече Вархеји.

Тој подвлече дека ЕК работи на тоа да се вратат работите во нормала колку што е можно побрзо, а враќање во нормала значи постигнување на договор помеѓу двете земји.

-Договор значи закажување на првите Меѓувладини конференции со Бугарија и С Македонија и се разбира токму ова е тоа на кое ние како ЕУ работиме сега, рече еврокомесарот Вархеји кој ја предаде првата пратка вакцини против Ковид-19, финансирани од ЕУ на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев одржана во вакциналниот центар  „Борис Трајковски“.