Во пресрет на утрешниот состанок на Советот за општи работи во Брисел на кој треба повторно да биде разгледана и да се одлучува за преговарачката рамка на ЕУ со Северна Македонија, земјава останува посветена на напорите за придвижување на процесот и покрај минималните шанси за повлекување на најавеното вето од Софија, која инсистира нејзините барања во врска со историјата да бидат вклучени во рамката.
И додека од Софија деновиве официјално не се соопштува дали е можен пробив и деблокирање на преговарачката рамка што треба да го отвори патот за одржување на првата меѓувладина конференција и отворање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, Скопје подвлекува дека каналите за комуникација со Софија се континуирано отворени. Македонската страна е децидна – не се разговара за идентитетот и јазикот. Станува збор за документ, кој би бил меморандум или протокол што дополнително би се утврдило, насочен кон имплементација на Договорот за добрососедство и соработка.
Премиерот Зоран Заев до последен момент не го напушта оптимизмот дека сепак е можно Бугарија да се откаже од најавеното вето за почеток на пристапните преговори за С. Македонија до крајот на годинава во рамки на германското претседателство.
Потврди дека со Република Бугарија се постојано отворени каналите за комуникацијата и интензивно се разговара за прашањата што се актуелизираа и што се поставуваат како пречка за согласноста за усвојување на преговарачката рамка за Република Северна Македонија за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Го оцени како конструктивен настапот на министерот за одбрана на Бугарија Красимир Каракачанов за време на радио интервју викендот и истакна дека од разговорот е видливо дека Каракачанов нема проблем да го прифати фактот за постоењето на македонскиот јазик и македонскиот народ.
-Ние остануваме подготвени во духот на пријателство да ги градиме меѓусебните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија и да ја градиме нашата заедничка иднина. Искрено се надевам декa уште постојат шанси да се прифати преговарачката рамка и да се одржи првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ. Тимовите на двете министерства за надворешни работи интензивно разговараат и сметам дека патоказот за кој се дебатира е одлична основа за да остане вратата отворена за решавање на прашањата што се најдоа на патот на европските интеграции на Северна Македонија, рече Заев.
Comments are closed for this post.