Девет лица се повредени при експлозија на неисправен резервоар со гориво кој дополнително предизвика голем пожар во атарот на село Миладиновци, во близина на рафинеријата ОКТА. Огнената стихија ја гасеа на 350 луѓе со над 80 технички средства за гаснење. На помош беа повикани државните канадери од воздух да ја стават ситуацијата под контрола.

За среќа, сето ова беше дел од сценарио што го организираше и успешно се справи Дирекцијата за заштита и спасување, заедно со МВР, противпожарните единици на Скопје и Куманово, компаниите ОКТА и Макпетрол, месното население од Миладиновци и други.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Аднан Џаферовски информираше дека целта на оваа вежба е превентивна и покажување на капацитетите, спремноста и функционалноста на опремата на сите учесници во сценариото, како и координацијата за справување во вакви катастрофи.