Годинава Македонија ќе забележи пад на БДП од 3,5 проценти, како последица на економските последици од пандемијата на корона вирусот, по што следната година се очекува земјава да забележи економски раст од 5,5 отсто, се наведува во најновите макроекономски прогнози на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Во извештајот, се посочува дека под претпоставка на краткотраен ефект од епидемијата на Ковид-19, последиците врз македонската економија ќе бидат „умерени“.

Банката наведува дека се очекува глобално економиите во просек годинава да имаат пад од 3,5 проценти, по што во 2021 година се очекува раст од 4,8 отсто, со напомена дека овие предвидувања не се сигурни поради неизвесноста со развојот на корона кризата.

За излез од кризата на глобално ниво, клучни се поголемата соработка и економска флексибилност, смета директорката на ЕБОР, Беата Јаворчик.

– Кризата преставуваше голем удар и излегувањето од неа ќе претставува исто толку голем предизвик. Ова не е време за економски национализам и протекционизам, туку е време да се гради подобра иднина преку меѓународната посветеност кон слободната трговија, ублажување на климатските промени и економската соработка, нагласува таа.
Дополнително се наведува дека доколку мерките на изолација останат во пракса многу подолго од предвиденото, рецесијата може да биде многу поголема, па нивото на економски раст од 2019 година нема да може да се достигне во наредните неколку години.

Во регионот на Западен Балкан, голем удар се очекува врз економиите на Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија, кои, како што се посочува, се базираат на индустриското производство, за Албанија и Црна Гора се оценува дека ќе бидат погодени поради ударот врз туризмот, додека Косово, но до одреден степен и другите западно балкански економии, ќе имаат намалена домашна потрошувачка како резултат на намалените дознаки од странство.

Членките на ЕУ од Југоисточна Европа, исто така, веројатно ќе бидат сериозно погодени од корона кризата, пред се поради падот во туризмот, што особено ќе се одрази врз Кипар, Грција и Бугарија.

За Турција се предвидува пад на БДП за 3,5 проценти во 2020, по што ќе следи силно економско зајакнување со раст од 6,0 отсто следната година.

Целата листа на земји и ефектот врз нивните економии од пандемијата со Ковид-19 можете да ја погледнете тука