Оштетените цевки и распаднатиот плафон во битолската болница веднаш да се санираат, а просторијата каде се чуваат телата на починатите од КОВИД да се прошири за да не седат безживотните тела во иста просторија со оние кои се лекуваат.

Вакви решенија Државниот здравствен инспекторат издал до директорката на болницата откако во јавноста се појавија страотни снимки од нехуманите услови во кои престојуваат КОВИД пациенти.

Бухова објаснува дека за проблемот со санитарните услови е укажано пред една година, но појавата на корона вирусот а со тоа и напливот на пациенти на кои итно им треба болничко легло го одолговлечиле реновирањето.

Тој дел од болницата пред почеток на пандемијата беше планиран за комплетно реновирање и преименување во геријатриски центар. Меѓутоа заради напливот на пациенти, сите сте свесни за бројките кои ги гледаме во дневните билтени, овој дел од болницата е отворен за употреба, освен споменатиот санитарен чвор. Во моментот е издадено решение по кое директорката веднаш постапува за санирање на истиот.“, изјави Ирина Сотирова Бухова, директор на ДСЗИ .

Здравствените инспектори периодов не се преоптоварени само со работа на терен – туку и со издавање решенија на позитивни лица и лица кои биле во контакт со заболен. Само за еден месец се издадени рекордни 40.000 решенија.

Само во последните четири дена доставени се 7500 такви решенија. Ако ја споредиме оваа бројка со бројката од минатите месеци, ќе ни ја покаже сериозноста на целата ситуација.“ изјави Ирина Сотирова Бухова, директор на ДСЗИ .

Инспекторите досега извршил 21 надзор за случаи на починати пациенти, а во тек се 9 вонредни инспекции во болниците ширум земјава. Вицепремиерот Љупчо Николовски по денешната средба со нив вети дека ќе бидат засилени со нов кадар и дополнителни ресурси за работа.