Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба со премиерот на Грција, Алексис Ципрас. Во рамки на официјалната посета, дел од грчката делегација што се сретна со Џафери беа и алтернативната министерка за надворешни работи, Атанасија Анагностопулу, како и амбасадорот, Димитрис Јанакакис.

Собранискиот спикер Џафери, оценувајќи ја средбата како историска, упати честитки до премиерите на двете земји за храброста и за преземените чекори со кои се надмина деценискиот спор меѓу двете држави и, како што истакна Џафери, на тој начин се отвори патот за евроатлантска интеграција на земјава, штостратешка определба на државата и мнозинството нејзини граѓани.

Како парламент, ги поддржуваме сите напори за преточување на договорната соработка во конкретни проекти, кои очекуваме да добиваат на интензитет во иднина – истакна претседателот Џафери.

Претседателот на Собранието укажа на фактот дека по стапувањето на сила на Договорот од Преспа, се воспоставува правна рамка која ќе овозможи парламентарна соработка на сите основи и во таа насока ги информираше присутните за упатената покана до неговиот колега Николаос Вуцис да оствари билатерална посета на земјава, како и за упатеното барање до грчка страна за формирање на група за пријателство во Грчкиот парламент со Собранието на Република Северна Македонија.

Премиерот Ципрас, заблагодарувајќи се за дадената поддршка, истакна дека во изминатиот период биле донесени големи одлуки и преземени големи чекори и во тој контекст, му честиташе на Џафери за смиреноста во водењето на институционалната постапка во однос на Договорот од Преспа, што го оцени како тежок процес за парламентите на двете земји.

Истовремено, Ципрас изрази жалење за тридецениската празнина меѓу двата парламента и искажа очекување дека Договорот отвора можност за пополнување на таа празнина.

Владата на Република Грција презема чекори за поддршка на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, бидејќи верува дека тоа е патот кој ќе обезбеди мир и стабилност што е важно и за народите на овие земји – нагласи Ципрас.

Грчкиот Премиер изрази убедување до Џафери дека Грција ќе даде сериозна поддршка и ќе биде партнер од доверба во остварувањето на стратешките цели на земјава.

Двајцата соговорници ја изразија поддршката за претстојните процеси во однос на донесување на потребната регулатива за примена на проеките кои произлегуваат од Договорот од Преспа, кои ќе налагаат максимална поддршка од страна на двата парламента.