Одложено е и гласањето по неколку предлог-закони поради тоа што нема доволно пратеници

Поради немање кворум, гласањето по неколку предлог -закони од 32.седница за кои заврши расправата ќе биде дополнително закажано.

Се работи за предлог-законите за измени на законите за детективска дејност и за гранична контрола и на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и на членовите на нивните семејства, при што во првиот случај се работи за усогласувања со Законот за прекршоци и се намалуваат глобите.

Сепак, претседателот на Собранието Талат Џафери најголемата забелешка ја упати до претставниците на повеќе институции чии годишни извештаи или програми се на дневен ред на оваа седница, но тие не се присутни во салата.

Тој посочи дека треба „сериозно да се размисли за нивната иднина и нивните постапки“ поради фактот што поголем дел од нив се избрани од Собранието.

Паралелно со пленарната седница, во тек се и седници на неколку комисии, поради што Џафери даде пауза за да овозможи присуство на министри и пратеници.