Директорот на истражниот затвор Шутка, Ѓоко Котевски, ќе биде првата жртва на инцидентите во кои физички беа нападнати екс-министрите Миле Јанакиески и Спире Ристовски. Но, останува дилемата дали тој ќе биде единствената. Зашто, инцидентот во Шутка остави многу нејаснотии и противречности на кои допрва ќе се бараат и очекуваат одговори.

Доволно беше директорот Котевски да излезе да го прочита подготвеното соопштение за инцидентот и да се соочи со фактот дека едно е да поминеш само со читање, а сосема друго да одговараш на вкрстени прашања на новинарите.

Премиерот Зоран Заев ја побара оставката на директорот, иако е нејасно зошто не стана збор за разрешување, што има сосема друго значење и димензија.

Поранешниот министер Јанакиески и порано престојуваше во притвор и досега немаше инциденти. Ристовски, пак, е прв пат меѓу затворските ѕидини. И сомневањата околу содржината на затворското соопштение произлегуваат од тоа како луѓе, по само една мината ноќ во апсолутно непозната средина, може да се впуштат во авантура да провоцираат затвореници, кои ги гледаат прв пат во животот! Како е можно во ист затворски круг истовремено да шетаат и осуденици и притворени? Зошто осудениците од Диво насеље се во Шутка, а не во Идризово или некој друг затвор во внатрешноста? Зошто затворското соопштение не беше проследено со соодветни фотографии како доказ? Под чија надлежност е делот во Шутка во кој осуденици ја издржуваат казната, а во чија делот во кој се притворениците? Ако има камери и ако се е снимено што се случувало, зошто Котевски молчи и само ни повторува дека ќе дознаеме се од Извештајот кој го најавува за наредната недела?

Било кој затвор е под надлежност на Министерството за правда, вели портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Според затворското соопштение, најпрво Спиро Ристоски започнал вербална расправа со еден од осомничените за нападот, а потоа дека и Јанакиески се расправал со другиот напаѓач. Екс министерот за транспорт побарал дополнителна медицинска помош, а по прегледот во градската болница „8 Септември“ е вратен во притвор – изјавија службите на затворот .

Како и да е, јавноста повторно е сведок на насилство, што само го зголемува чувството на несигурност не само кај граѓаните, туку и во целиот општествено-политички амбиент токму спроти почетокот на претстојната изборна кампања.

Но, она што е впечатливо се различните тонови во реакциите, особено од поединци и институции, што ги раководат претставници на владејачката партија. Тие оставаат впечаток како СДСМ да има две лица. Едното смирено, а другото агресивно.

Така, Министерството за правда во своето кратко соопштение најостро ги осуди „вербалниот, а потоа и физичкиот инцидент во КПУ Затвор – Скопје, и очекува санкционирање на сторителите на насилство, но, и на сите оние кои не презеле мерки за спречување на вакви ситуации“.

Наспроти институционалната реакција, министерката Рената Дескоска преку својот ФБ статус беше малаку „поопширна“.

Згрозена сум и најостро го осудувам вербалниот, а потоа и физичкиот инцидент во КПУ Затвор – Скопје. Насилството не е и не смее да биде начин на комуникација никаде, ниту во затворите. Побарав целосно информирање од управата на КПУ Затвор – Скопје, но и очекувам сите надлежни институции професионално и одговорно да го расветлат случајот, а потоа и да покренат постапки за санкционирање на сторителите на насилство, но, и на сите оние кои не презеле мерки за спречување на вакви ситуации, објави таа.

И додека таа говори за институционално, професионално и одговорно расветлување на случајот, првичните реакции на младите партиски перјаници Мухамед Зекири и портпаролот Костадин Костадинов се впуштија во чиста политичка пресметка со најголемата опозициска партија, априори препознавајќи ги главните виновници за инцидентот.

Mицковски проѕирни сте и ваквите сценарија од вашиот ментор кукавицата Груевски преку неговите пулени Миле и Спире не ви поминуваат… – напиша Зекири на својот ФБ профил.

За Костадинов, пак, организатори на инцидентот се поранешниот и сегашниот претседател на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски и Христијан Мицкоски.

Однесувањето на Мицкоски пред болницата тоа го потврдува. Целта им е да го тргнат вниманието на јавноста од истрагата и нивната улога во настаните од 27 април, како организатори на насилниот упад во собранието. Докторите потврдија дека Миле Јанакиески нема никакви повреди, рече Костадинов.

Иако и тој побара истражните органи целосно да го расветлат инцидентот, а насилниците соодветно да одговараат, останува нејасно како знае кои се виновниците, уште пред да биде направено тоа што и самиот го бара.