Македонската држава не треба да престане да разговара со Бугарија, но исто така никогаш не смее да поддржи преговарачки процес со ЕУ, кој ќе стане основа на разнебитување на нашата државност, загрозувајќи ја внатрешната и регионалната стабилност кон несогледливи последици. Обврските кои ќе ги преземе неповратно ќе ја определат нашата иднина и улога во ЕУ. Треба да сме свесни дека со прифаќањето на бугарските барања, тие стануваат дел од пристапниот договор на државата со ЕУ, ако и кога ќе дојде тој момент.
Ова се наведува во документот изработен од Институтот за демократија (ИДСЦС) и Институтот за европска политика (ЕПИ) насловен „Бугарското вето на македонските евроинтеграции: Какво јаболко може да загризе Македонија“ кој, како што наведуваат, има за цел да ја информира општата и политичка јавноста и да го изостри нејзиниот фокус за суптилностите кои евентуалниот компромис со Бугарија мора да ги земе предвид.
Според двете тинк-тенк организации, во контекст на засилениот дијалог меѓу владите на двете земји, се наметнува потреба да и ги воочат на јавноста црвените линии преточени низ конкретни, а не декларативни принципи и решенија кои политиката мора да ги испочитува за да обезбеди трајно, вистинско и одржливо решение на проблемот со Бугарија.
-Какво и да е решението со Бугарија, тоа мора да биде врзано исклучително со крајот на пристапниот процес – по ратификацијата на пристапниот договор меѓу ЕУ и Северна Македонија од сите субјекти (држави членки, ЕУ, Северна Македонија) – вклучувајќи го и евентуалното внесување на бугарско малцинство во Уставот; да спречи можност за нови блокади на преговорите од страна на Бугарија врз основа на нејзиното толкување на Договорот, Македонија не смее да престане да разговара со Бугарија за надминување на разликите, да има широка поддршка од јавноста и политичките субјекти и да ги гарантира придобивките од Преспанскиот договор.
Во однос на македонските црвени линии, наведуваат, недозволиво е внесување механизам за следење или спроведување на Договорот во преговорите (преку Преговарачката рамка). Во ваков случај, според нив, тој механизам би станал услов за текот на преговорите и процесот би се претворил во диктат од страна на Бугарија за исполнување услови кои немаат никаква врска со правото на Европската унија.
Бугарија, додаваат, мора да се обврзе дека нема дополнително да отвора нови прашања. Во спротивно, посочуваат, пристапниот процес станува заложник на праксата од постојано отворање на нови прашања од страна на Софија (Преамбулата, обвинувањето за дискриминација што не постои во реалноста, веројатно во иднина резултатите од Пописот) и одолговлекување на преговорите до недоглед.
За македонскиот јазик во документот се наведува дека не смеат да се дозволат измени на предложениот текст на Преговарачката рамка во која стои македонскиот јазик, ниту какви и да е дополнителни појаснувања, изјави, итн. со кои, како што се посочува, ќе се релативизира посебноста на македонскиот јазик.
-Каква и да е задршка или резерва во однос на јазикот сега, ќе води во најмала рака кон нерамноправен третман на македонскиот јазик, а со тоа и на државата во ЕУ. Текстот на Пристапниот договор со ЕУ во однос на јазикот мора да биде идентичен како и за другите држави пристапнички. Постојната билатерална јазична клаузула не смее да се преслика на ниво на ЕУ, стои во документот.
Според наводите во документот, не смее да се прифати ниту менување на Уставот како услов за почеток и текот на преговорите. Бугарската страна, се посочува, треба експлицитно да го признае македонскиот идентитет.
-Врвен ризик е секакво менување на Уставот на Република Северна Македонија освен на самиот крај на пристапниот процес, односно по сите ратификации, кога Бугарија нема да има можност за блокада. Бугарија инсистира на менување на Уставот во рана фаза на пристапувањето, затоа што тоа ѝ отвора можност за постојан притисок врз идентитетски прашања и за последователни барања.
-Барањата за правична застапеност и јазични права можат да произлегуваат единствено од пописот. Секој договор што не спречува повикување на „Македонците со бугарски пасоши“ како критериум за колективни права е многу опасен. Секаква изјава со која Северна Македонија би го негирала постоењето на македонското национално малцинство во Бугарија би била спротивна на меѓународните принципи на правата на малцинствата и сериозно би го нарушила дигнитетот на државата. Северна Македонија не може да се откаже од правата што ги има како рамноправна членка во меѓународните организации (како Советот на Европа) за ниедно прашање, па ниту за прашањето за македонското национално малцинство во Бугарија, се наведува во документот.
Итно спроведување на пресудите на ЕСЧП за македонските организации во Бугарија, како што оценуваат двете тинк-тенк организации, би бил не само знак на добра волја од страна на Бугарија, туку и извршување на нејзини дамнешни меѓународни обврски.
Воедно, се посочува дека апсурдно е признавањето на бугарското малцинство во Уставот на Северна Македонија во услови кога Бугарија го негира постоењето на македонската нација и македонскиот јазик, а обидот бугарското барање за промена на Уставот да дојде преку Брисел е спротивен на принципите на ЕУ.
Меѓу согледувањата во документот е и дека треба да се спречи злоупотреба на историското минато за етнополитички цели.
-„Декларацијата на Собранието од 2006 година за извинување на жртвите од репресијата од режимот во периодот 1945-1990 година веќе го третира прашањето на рехабилитација на жртвите од комунизмот. Рехабилитација се однесува на жртвите без оглед на етничката припадност.“ Антифашистичката димензија на споменичните обележја мора да се зачува, бидејќи е суштински дел од македонската државност, стои понатаму во кусата верзија од документот.
Во контекст на спречување на говорот на омраза, се посочува дека мора да се дефинира говорот на омраза користејќи една од постоечките меѓународни дефиниции, со оглед на арбитрарноста на обвинувањата за говор на омраза во последниве три години. Обврските за борба против говорот на омраза, се додава, треба да бидат целосно реципрочни и да не се загрозува слободата на изразување.
-Спречувањето на говорот на омраза не смее да биде инструмент на цензура што ќе ја негира слободата на изразување и ќе го регулира наративот во културата и творештвото. Говорот на омраза може да се третира единствено од аспект на правото на ЕУ и меѓународното право, подеднакво во двете земји.
Работата на Историска комисија, пак, треба да биде ослободена од диктат и без ограничување со рокови.
-Владата може да го дефинира процесот – што ќе прават двете влади кога ќе има резултат од работата на Комисијата – но, не може и не смее да прифати обврска на резултат, а уште помалку временски рокови. Комисијата треба да работи без диктат и каков и да е политички притисок. Треба да се обнови предлогот за интернационализација на работата на Комисијата, затоа што не се работи за „билатерална историја“, туку за европска и светска историја.
Овој документ од седум точки е испратен до Кабинетите на Претседателот и Премиерот на државата, Министерството за надворешни работи и Секретаријатот за европски прашања.
Comments are closed for this post.