Неделава се појавија два огласа на страницата на Агенцијата за администрација коишто предизвикаа бура од реакции во јавноста, околу потребните квалификации на лицата-апликанти за работните позиции. За ова, одговорите треба да се бараат од оние кои ветиле дека ќе ги спроведуваат препораките на Државната комисија за спречување на корупција околу вработувањата во администрацијата.

Имено, Генералниот секретаријат на Владата распиша оглас за позиција државен советник за општи работи со месечни примања над 38 илјади денари, а апликантот треба да има завршено политички или економски науки, и она што беше скандалозно дека лицето може да има завршено и кинезиологија, односно масер. Исто така, во Фондот за здравствено осигурување истовремено се бара советник за административни работи, чија плата ќе биде 34.000 денари, а лицето би било пожелно да има ликовно образование.

Вчера во јавноста излезе уште еден случај, во кој една жителка на Скопје се вработила во Агенцијата за катастар во Скопје, манипулирајки со својата националност, такашто еднаш се пријавила како Албанка, а еднаш како Турчинка.

И додека се редат корупциски скандали, вицепремиерот за борба со корупцијата Љупчо Николовски молчи и не презема ништо за да ги осуди или спречи ваквите скандалозни државни вработувања.

Но, претседателката на Транспаренси интернешнл Слаѓана Тасева изјави дека будно ги следи сите сомнителни настани во коишто е замешана корупцијата.

-Следиме се и гледаме се и токму ваквите нешта секако дека на крајот ќе бидат земени предвид и ќе влијаат во Извештајот за индексот за перцепција за корупција. Ние ќе продолжиме да мониторираме и да нотираме. Не треба да се бега од реалноста бидејќи е очигледен трендот на постојано одење надолу на индексот за перцепција на корупција, вели Тасева.