И на најголемите оптимисти веќе им станува јасно дека по реинкарнацијата на фашизмот од страна на бугарскиот државен врв во Битола, Македонија нема да влезе во ЕУ. Може, ама не како Македонци со македонски јазик и не како антифашисти во Втората светска војна. Вака претседателот на НСДП Тито Петковски го коментира отворањето на бугарскиот клуб во Битола.

Бугарија отворено ја уништува нашата и иднината на нашите деца. Подготвен сум да тврдам дека Бугарија води отворена економска војна со Македонија. Од изминатите 16 години откако добивме кандидатски статус, само од првата бугарска блокада до денес, Македонија изгуби над 250 милиони европски пари, по разни основи, кои можеше да се вградат во нашиот развој.
Мора конечно да сфатиме дека државата е соочена со многу моќен непријател, згора и членка на ЕУ. Како не сфаќаме дека пораката од Битола е јасна и недводмислена, признајте дека сте Бугари, па ќе ви дозволиме да почнете преговори со ЕУ. Тие сакаат да преговараме за тоа дали постоијат Македонци и македонски јазик. И воопшто не треба да чекаме да поминат шесте месеци ветени од новиот бугарски премиер. Проблемот може да се реши уште утре, доколку признаеме дека нема Македонци и македонски јазик, вели Петковски.

Навистина не ми е јасно, додаа тој, што уште треба да направиме за да ги почнеме преговорите со ЕУ, со некој кој отворено ти вика дека не постоиш?

Овде не станува збор за некакви европски стандарди, туку класично изживување на земја членка на ЕУ врз друга земја што сака да стане членка на ЕУ.
Зарем се она што ни се случува деновиве не е доволен силен аларм за будење на партиите од безскрупулозната борба за власт.
СДСМ и ВМРО ДПМНЕ да престанат со меѓусебните обвинувања за бугарското вето да седнат како одговорни партии (доколку тоа воопшто се) и да дефинираат државна стратегија како да излеземе од овој ќор сокак, па макар ги прекинале преговорите и се откажале од членство во ЕУ.
Одлуката за стратешките прашања мора да ја донесат заеднички партиите од власта и опозицијата.
Многу е неодговорно, како политички така и човечки, бугарското вето да биде тема со која ќе се добива или губи власта, порача Петковски.