Одбраната во случајот „Рекет” смета дека пресудата против Бојан Јовановски и Катица Јанева не може да опстане и треба во најмала рака да се укине.

Адвокатот Сашо Дуковски, во изјава за медиуми, по образложувањето на жалбата во Апелациониот суд Скопје, рече дека таа се темели во немањето на каков било елементарен доказ, нешто на што треба да биде заснована пресудата.

– Се работи за една елементарна пресуда која што нема никаков доказ, се заснова на тоа што народски се вика „рекла-казала”. Сметаме дека со силината на доказите, иако ние не треба тоа да го правиме, тоа требаше да го прави обвинителството, оваа пресуда не може да опстане и дека во најмала рака треба да се укине, изјави Дуковски.

Тој посочи дека ги оспоруваат сведочењата на брачниот пар Камчеви, зошто се тотално различни, еден со друг и во однос на исказот на Зоран Милевски-Кичеец.

– Од друга страна имаме тотална не еднаквост на странките. Доказите кој што се даваат од лицето Јордан Камчев, кој што има интерес да биде осуден Бојан Јовановски, се прифаќат без било какво проблем, притоа не се вештачат во ниеден момент, а ние сите докази кој што ги предложивме во таа форма бевме со најразлични тривијални причини одбиени, посочи Дуковски, кој додаде дека ако сакаме да ги исполниме Поглавјата 23 и 24 вакви пресуди не може едноставно да постојат, туку треба да имаат еднаквост на оружја.