Конечниот список за прием на студенти од прва година, како што стои во конкурсот на МОН, треба да биде објавен денеска на огласните табли во студентските домови каде што конкурирал студентот и на интернет портлот konkursi.mon.gov.mk.

Бруцошите кои контактираа со ПресингТВ, а кои сакаат да останат анонимни, велат дека за првиот академски час ќе треба да патуваат од градовите каде живејат бидејќи, како што велат, технички е невозможно веднаш да се вселат.

Откако ќе бидат објавени резултатите потребно е да потпишеме договор со домот во кој сме примени, не верувам дека процедурата ќе можеме да ја завршиме венаш. Конкретно јас, доколку не се снајдам кај кого да преспијам, ќе треба да патувам секој ден со автобус од Демир Капија, вели бруцошот на еден од Државните универзитети.

Мора да дадам само 1.000 денари за пат и назад, а свесни се и самите колку е мачно да стануваш наутро и да патуваш со автобус, вели друг бруцош.

Од Државниот студентски дом „Скопје“ (ДСД) нагласија дека објавување резултати за примени студенти го врши МОН исто како што го распишува конкурсот за добивање студентски легла во студентските домови, односно, немаат надлежност да доделуваат студентски легла без конечен список утврден според конкурсот од МОН, ниту имаат увид во списоците и одобрените легла за студентите.

До објавување на текстов,  не добивме официјален одговор до каде е објавувањето на резултатите.

Според конкурсот за прием на студенти во државните студентски домови, студентот се вселува почнувајќи од денот на потпишаниот договор со домот во кој е примен, но не подоцна од 10 дена од објавениот конечен список.

Приговор по резултатите се доставува до архивата на Министерството за образование и наука,  во Скопје во рок од 5 дена од денот на објавувањето на резултатите.

Студентите од повисоките години, оваа година, беа револтирани од доцнењето на резултатите за прием во студентските домови, кои требаше да бидат објавени до 30 август, но Министерството за образование и наука ги објави со шест дена доцнење.