Прашањето повеќе не е дали Македонија ќе стане членка на ЕУ, туку кога тоа ќе се случи и дотогаш Холандија ќе продолжи критички да ги следи неопходните реформи, вели амбасадорот на Кралството Холандија Дирк Јан Коп во интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК. Но, вели тој, овој процес не ја става  Македонија во неправична позиција, туку, напротив, тоа би требало да ја стимулира државата да ги преземе следните неопходни чекори на патот кој го избрала.

За сеприсутната корупција кај нас, тој вели дека е состојба на умот, од корупцијата во јавните набавки, кронизмот и непотизмот на највисоко ниво, кај градоначалниците, судиите, па сè до луѓето кои се подготвени да платат поткуп, оние кои носат шише виски кога одат на преглед кај доктор и оние кои во март носат подароци за учителките на своите деца.

Впечатокот на македонските граѓани за Холандија е дека е земја партнер која ја поддржува Македонија од првиот ден на нејзината независност, и не само политички туку и финансиски. Холандија се смета за модел на кој треба да се угледуваме кога станува збор за човековите права, без оглед на тоа дали се работи за малцински права во однос на етничкото потекло, попреченост, полова еднаквост, права на припадниците на ЛГБТИ заедницата…

Зошто Холандија молчи сега, кога бугарското вето за почеток на преговорите за членство на Македонија се заснова на деградација на овие основни човекови права и негирање на овие фундаментални вредности на ЕУ?

Очигледно се работи за краткотрајна меморија. Во март 2020 година, Македонија не само што стана членка на НАТО, туку доби и зелено светло од ЕУ за да стане нејзина полноправна членка. Двете работи се случија со целосна поддршка од страна на Холандија. Иако она што требаше да биде свечен момент беше во голема мера засенето од ситуацијата со корона вирусот, прашањето повеќе не е ДАЛИ Македонија ќе стане членка на ЕУ, туку КОГА тоа ќе се случи.

И покрај многуте итни прашања како што се коронавирусот, Брегзитот, масовната имиграција и слично, од март наваму Европската комисија, заедно со земјите членки, ја подготви преговарачката рамка за Македонија. Холандија даде целосна поддршка за овој документ и заедно со останатите земји членки се согласи за почеток на преговорите; сите земји членки, освен една, Бугарија. Бугарија сакаше во преговарачката рамка да се додадат прашања од билатерална природа, на кои, според останатите земји членки, таму не им е местото. Бугарија во ова е сама. Исто така, треба да се запомни дека многу други држави мораа да решат тешки билатерални прашања пред да станат членки на ЕУ. Во меѓувреме, сето ова не треба да се драматизира на начин на кој се чини дека се прави во моментов. Поминувањето низ 35-те преговарачки поглавја со ЕУ во наредните години значи дека на патот пред вас има многу семафори и на секој од нив треба да се запали зеленото светло. Понекогаш, чекате подолго отколку што сте очекувале. Сепак, за повеќето семафори Македонија најверојатно ќе забележи дека, имајќи го предвид напредокот кој државата веќе го има постигнато, зеленото светло ќе светне порано од очекуваното. Мојата порака би била да не се придава премногу значење на секој поединечен семафор, туку да се продолжи со реформите. Крајната цел не е да се помине бугарскиот застој на овој семафор, туку членството во ЕУ на крајот на патот.

Целото интервју на холандскиот амбасадор можете да го прочитате ТУКА