Пратениците од опозицијата на седницата за интерпелација на министерот за надворешни работи Никола Димитров неколку пати ги споменуваа ставовите на неговите родители околу прашањето за спорот за името. Говорот на мајката на Димитров, Ратка Димитрова во собранието од 1993 околу приемот на Македонија во Обединетите Нации под референцата Поранешна Југословенска Република Македонија во кој таа вели дека се прави национална самоликвидација, често пати беше цитиран. Како и ставовите на неговиот татко Димитар Димитров, поранешен министер од истата година.

Министерот возврати на прозивките од опозицијата.

Ќе барам прошка од моите родители во ваше име и мислам дека ќе ја добијам. Ова не ви беше мудро и не ви беше добро. Ние конечно се исправаме на нозе. Порано или подоцна со мудра политика, помалку навреди и повеќе заедништво, мислам дека светлината ќе ја победи темнината. Да се расправаме за работи што се очигледно вредни за расправање –  од даночна политика, состојбите во економијата. Дајте заедно да си се фокусираме, да си имаме приоритети и да не биде прашање на живот или смрт кој ќе победи, а кој нема да биде на власт. Мислам дека сега е времето тој чекор да го направиме, рече Димитров во завршното обраќање на седницата за интерпелација.