Министерот за надворешни работи Никола Димитров попладнево ќе се обрати пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент.
Како што соопштуваат од кабинетот на министерот, тој ќе му се заблагодари на Парламентот за неговата постојана поддршка за европската перспектива на земјата и ќе ги претстави постигнувањата на Македонија, ден пред клучниот министерски состанок во Луксембург на кој ќе се разговара за давање зелено светло за почетокот на преговорите со Македонија и Албанија.
Амбасадорски состанок ќе се одржи вечер во Луксембург во последен обид да се усогласат ставовите на земјите членки пред министерскиот, но засега ситуацијата не е поволна за ниедна од двете земји.
Франција и натаму се противи на отворањето преговори сѐ додека нема конкретен напредок во борбата против корупцијата, судските реформи и додека нема транспарентни и објективни пресуди. Истовремено, Париз смета и дека не може да се отворат преговорите сѐ додека не се реформира методологијата на преговарачкиот процес со земјите кандидати.
Од Холандија најавуваат дека ќе се солидаризираат со Франција доколку не се одвојат Тирана и Скопје. На одвојувањето, пак, се противат и поддржувачите на проширувањето, но и самата Франција.
Министерот Димитров за време на посетата ќе има и поединечни средби со пратениците од Европскиот Парламент.
Во оваа клучна недела во која се очекува Советот да ја донесе одлуката за почеток на пристапните преговори, министерот ќе се сретне и со дел од министрите кои ќе учествуваат на Советот за општи работи на 15 октомври 2019 година – велат од неговиот кабинет.
Comments are closed for this post.