Ние сме посветени да го почнеме пристапниот процес. И ќе останеме упорни во барањето на достоинствено, европско решение на предизвикот со кој се соочивме. Клучна е политичката волја, и мислам дека треба да се обидеме како општество, како нација, не само државата, пред се Владата, медиумите и граѓанското општество да направиме напредок во европеизацијата без разлика што во моментов не сме во пристапниот процес.

Ова денеска го изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров на конференцијата „Улогата на медиумите и граѓанските организации во процесот на интеграции”, во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Телевизија Телма.

– Не сакам да го потценам пристапниот процес, неговото значење е огромно и е веројатно најдобрата алатка што постои за една земја да се реформира. Ако ја имате при рака алатката сте го почнале пристапниот процес, тоа само по себе не гарантира дека таа трансформација ќе биде успешна ако нема вистинска политичка волја пред се во владата на одредена земја дека работите ќе одат доволно брзо и квалитетно во вистинска насока, рече Димитров.

Посочи дека исклучително важно е преговарачката рамка да се фокусира на напредокот во реформите, а не во неа историјата да добие централно место.

– Преговарачката рамка е прашање за кое сѐ уште поради соседна Бугарија нема консезус меѓу земјите-членки. За пристапниот процес да европеизира исклучително важно е преговарачката рамка да се фокусира на напредокот во реформите. Ако историјата добие централно место во преговарачката рамка, тогаш прашање е дали и во која мера еден таков процес ќе европеизира или пак ќе балканизира, подвлече Димитров.

Според него, оттаму е многу важно и нашите пријатели во Брисел и во земјите-членки да помогнат овој пристапен процес навистина да биде заснован на мерит и навистина да значи носење на европските принципи и стандарди во Северна Македонија.

– Нашиот напредок од идната преговарачка рамка мора да зависи од тоа колку успешно ги носиме дома европските директиви и ги имплементираме, колку успешно се бориме против корупцијата, колку ни се слободни медиумите а не од тоа, на пример, ја спомнав историјата, колку и како испорачува комисијата за историско образовни прашања меѓу нас и другата страна, во случајот Бугарија. Оти ако од тоа зависи напредокот, тогаш е прашање дали и што сме направиле од пристапниот процес во смисла на реформска алатка. Јас мислам дека време е да покажеме дека можеме, впрочем ако ги земете предвид политичките критериуми, ние сме дури и нешто напред во однос на вкупната подготвеност и прогрес, дури и во однос на земјите кои со години во пристапниот процес, рече Димитров.

Оцени дека самиот процес на пристапување во смисла на реформска активност е поважен од крајната цел.

– Ние ако утре станеме земја-членка на ЕУ работите нема многу да се сменат. Работите ќе се сменат ако нашето општество стане една нормална европска демократија каде ќе има независно судство, каде слободата на медиумите ќе биде врвен приоритет, каде правната држава ќе овозможи и економски развој и ќе резултира со една просперитетна демократија. Во таа смисла бидејќи процесот е поважен од целта, мислам дека многу ќе си помогнеме ако успееме оваа година да докажеме дека можеме сите заедно како општество да направиме важни чекори напред во клучните области, истакна тој.

Посочи дека тоа ќе биде возможно и ако има притисок и лупа од страна на медиумите, ако има притисок, совети и критики од граѓанските организации, ако, како што рече, знаеме дека јавноста сака и иднината си ја гледа европска, тогаш и политиката и тие што се исклучително и прореформски настроени и тие што тоа го прават на ниво на декларации ќе мора да произведат резултат, ќе имаат таков интерес.

Во однос на неодамнешната посета на Брисел, заедно со шефот на дипломатијата Бујар Османи, Димитров истакна дека ги освежиле нашите позиции. – Мислам дека е корисно повремено освежување на нашите позиции. Има заеднички влог, има огромен интерес во Брисел за успех оваа година јас се надевам дека сите заедно ќе успееме да најдеме европско решение и ќе го надминеме овој предизвик и тоа е добро и за нас и за Бугарија и за регионот и за целата Европска Унија, рече Димитров.

Повтори дека ние не се бориме само за македонскиот идентитет, туку истовремено се бориме и за идентитетот на ЕУ како заедница на вредности, културните и јазичните различности на европскиот континент.