Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денес одржа прес-конференција по повод заминувањето од оваа функција.
Тој нагласи дека не се повлекол од позицијата туку бил сменет затоа што не се сложува како се одвиваат преговорите со Бугарија.Тој вели дека има несогласувања со Бујар Османи кој инсистира на решение по секоја цена.
„Јас не сум човек што се повлекува од битки. Не се повлеков затоа што чувствувам одговорност и сметам дека позициите што ги застапувам во процесот на преговори со Бугарија се исправни и важно е да се одржат. Имав сериозна битка внатре, особено во последната година, во однос и на дефинирањето на националните позиции, значи нивната суштина ама и на стратегијата, односно текот на самите преговори. Таа битка не беше тајна, разликите беа евидентни и во јавните пораки.
Тој објасни дека оваа битка кулминирала, еднаш во Брисел, еднаш во Скопје и оти јасно кажал дека преку поставените граници нема да дозволи да се помине по каква било цена, а најмалку по цена на мојата позиција во Владата, давајќи до знаење дека со мене за некои работи едноставно нема разговор.
Јас бев и сум целосно подготвен оваа битка да ја терам и понатаму без разлика на функцијата. Знаете, во мојата кариера, во оваа работа, сум сретнал многу влијателни луѓе кои немаат функција, а сум сретнал и такви кои се на позиција, ама немаат тежина, што вели нашиот народ – не им врви зборот. Мојот збор ве убедувам дека ќе врви и натаму. Ама за тоа да биде така јас треба да сум дома, да сум тука, да сум активен, да сум гласен и да имам слобода да се борам за моите позиции.“
Тој откри дека имал понуда за амбасадорската функција.
Не ме изненади посебно и понудата што ја добив – да бидам амбасадор во Вашингтон. Таму каде што бев пред меѓудругото пред 2 децении, пред 20 години, а и таму направивме голема работа во 2004 година со признавањето на уставното име од страна на САД, една од најголемите дипломатски победи.. Тоа не само што ќе ме тргнеше од дома, туку и ќе ми го врзеше зборот – знаете дека дипломатите додека се на должност немаат право да бидат гласни и јавно да се борат за своите ставови дома.“
Во однос на неговиот иден ангажман, Димитров појасни дека ќе продолжи да остварува влијание во согласност со неговите принципи и вредности:
„Јас ветувам дека будно ќе го следам процесот на преговори и целосно ќе се борам против лошо решение, а ќе поддржам достоинствено и европско решение. Еднаш некаде кажав – јас така функционирам, за нештата што ви се важни и во личниот живот и во политиката – нема пуштање! Ова прашање е моја лична животна мисија – апсолутна почит за македонскиот јазик како еднаков на сите европски јазици и европска интеграција потпрена на вистински европски столбови и критериуми.
Јас никогаш не сум бил член на ниту една партија. Јас работам за државата, за македонската кауза и за мојата визија македонската политика да стане благородна, мисија на луѓе со знаење и чесност, со достоинство и со лична култура.Тоа што за многу партиски членови од сите страни е тешко сфатливо е всушност основата на секоја нормална демократија – да се водиш од принципите, а не од буквите на партијата или имињата на лидерите. Како вели Черчил – нека не ве плашат оние кои напуштаат партија или влада поради принципи, загрижете се за оние кои напуштаат принципи поради функции или партии.
Тој потсети дека работел со сите премиери до сега.
Со сите во даден момент и сум се разминал, тогаш кога ни се разминале и визиите. Ова за мене не може никако да биде проблем, оти е нешто со кое се гордеам… Оти лојалноста кон мисијата никогаш, ама никогаш не смее да биде погазена од лојалноста кон некаква организација или лидер. Токму оваа моја, чудна за македонски услови лојалност, е проблем за партиите и за самата коалиција. Некои од вас веќе знаат, и тоа не е тајна, после оставката на премиерот Заев, многу меѓународни пријатели се јавија со поддршка за јас да ја преземам Владата.
Пораки што од коалицијата не беа прифатени со следново објаснување: сум бил нереален идеалист, премногу принципиелен и не сум се разбирал од меѓупартиски пазари. За мене овие критики се комплименти и ако за овие политички особини нема место во оваа идна Влада, мора да им најдеме место во македонската политика и во македонското општество. Граѓаните кои тоа го бараат, граѓаните кои за тоа се бореа и се борат, заслужуваат да им се чуе гласот што сега повторно е потиснат од партиските вреви.“
Тој појасни дека нова партија што ќе биде вклучена во истиот клиентелистички партиски апарат не е потребна, но неопходни се вистински промени на самиот систем како барања од Револуцијата.
„Ќе нè биде луѓе! Има да нè биде, па што сака нека биде!“ – заврши Димитров.
Comments are closed for this post.