,,Твој став – твое право” е слоганот под кој од утре Државната изборна комисија ќе почне со кампања за информирање на граѓаните за референдумот кој ќе се одржи на 30 септември.

Претседателот на ДИК Оливер Дерковски информираше дека од безбедносни причини изгледот на гласачкото ливче Комисијата ќе го утврдува на затворена седница за јавноста, дека за печатење на избирачките ливчиња се пријавиле три печатници, но дека Комисијата одлучила тоа да го прави печатницата „Киро Дандаро“. Се водело сметка заштитата на гласачките ливчиња да биде на највиско можно ниво.

Членовите на Комисијата го усвоија Упатството за важечки и неважечки ливчиња на референдумот. За важечко ливче ќе се смета она ливче на кое, како што рече членот на ДИК, Елизабета Постоловска, ќе се заокружи „за“ или „против“ со сино пенкало.

– Со штиклирање и ставање „х“ ливчето ќе биде неважечко, потенцираше таа.

Гласањето на референдумот на 30 септември ќе се одвива во 3.480 избирачки места, а според заклучениот Избирачки список, право на глас имаат 1.806.336 граѓани.