Државната изборна комисија (ДИК) денеска на седница му го врачи уверението на Стево Пендаровски за претседател на Република Северна Македонија.

Денеска официјално го примив Уверението за избран Претседател на државата од Државната изборна комисија. Особено сум горд на овие претседателски избори. Имавме кристално чист изборен процес, по европски стандарди и за првпат по 25 години сите кандидати ги признаа резултатите од гласањето. Голема благодарност до ДИК и сите учесници за покажаната професионалност на високо ниво“, рече Пендаровски.

Претходно, ДИК ги објави конечните резултати од претседателските избори согласно кои Пендаровски беше избран за шеф на државата.

Утре Стево Пендаровски ќе биде инаугуриран на седница во Собранието на Република Северна Македонија, со што и официјално ќе го почне петгодишниот мандат.