Државната изборна комисија на денешната седница го усвои заклучокот за објавување на првични резултати од вториот круг на претседателските избори, според кој за претседател на Република Северна Македонија е избран Стево Пендаровски. По донесувањето на заклучокот течат роковите за поднесување приговори за изборниот процес.

Според податоците на ДИК од обработени 100 отсто од гласовите, од вкупно запишаните 1.808.131 избирач, на гласање излегле 844.360 граѓани, или 46,7 отсто. Од нив за Пендаровски гласале 436.212 граѓани, а за Силјановска Давкова 377.713.

„Според ова, согласно член 121 од Изборниот законик за претседател на Републиката е избран Стево Пендаровски кој доби мнозинство гласови од граѓаните кои гласале“, рече претседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски.

По усвојувањето на овој заклучок, појасни Дерковски, тече рокот од 48 часа во кој учесниците во изборната трка имаат право да поднесат приговори.

Членот на ДИК, Јанаќе Витановски го повтори вчера изнесениот став на Комисијата дека изборите биле чисти, фер и демократски.