Најава за нова средба на работните групи од власта и опозицијата за законот за СЈО засега нема.

Министерството за правда чека сигнали од ВМРО-ДПМНЕ за промена на ставот, откако пропадна и последната средба. Постапките кои ги отвори СЈО  по истекот на мандатот во јуни 2017 година, според тимот на ВМРО-ДПМНЕ предводен од адвокатот Тони Менкиновски се покренати од неовластен тужител. Инсистираат за овие предмети да пресече независен меѓународен арбитер, во овој случај Венецијанската комисија.

Според тимот од власта предводен од министерката Рената Десковска предлогот од опозициската партија значи скриена амнестија.Прифаќаат проверката од Венцијанска комисија, но само по донесувањето на законот.

Со оглед на тоа што работните групи тапкаат во место, не е исклучено во разговорите да се вклучат и лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски.

Ако наскоро не се дојде до заедничко решение за СЈО, власта најави дека ќе бара поддршка од другите партии за да се обезбедат 80 пратеници и законот кој се донесе со ВМРО-ДПМНЕ, овој пат да се донесе без поддршка од најголемата опозициска партија.