„Се чувствувам почестена што сум прв министер кој дошол овде по примената на Преспанскиот договор. Се чувствувам дека сум во пријателска земја. Ја чувствувам позитивната атмосфера“, изјави во интервју за Атинската-македонска новинска агенција, Рената Дескоска, министерка за правда на Северна Македонија.

Дескоска учествуваше на регионален форум во Солун викендот.

„Се чувствувам одлично. Сум доаѓала во Грција и во Солун многу пати, но денес се чувствувам многу поинаку од претходно“, изјави Дескоска.

За Преспанскиот договор таа рече „не постои идеален договор“ и забележа:„Кога преговарате, мора да се повлекувате, зашто тоа е суштината на компромисот. Нешто добивате, а нешто губите. Мислам дека и двете земји имаа отворен пристап во преговорите, внимателност и сознание за црвените линии и за основните потреби, така што компромисот беше добра основа за нас за да го добиеме овој договор“.

Таа смета дека билатералните односи сега можат да се одвиваат на високо политичко ниво, а ќе се зголемат и посетите на министри, академици претставници на граѓанското општество.

„Вакви контакти недостасуваа во минатото. На пример за реформите во Министерството за правда ние ја користиме експертизата на специјалисти од Словенија, Бугарија, Хрватска, но ниту еден од Грција. Со овој договор и експерти од Грција се добредојдени да помогнат за реформите“.

Дескоска зборува и за евроатланските интеграции на Западен Балкан, и вели дека тоа не е брз процес.

„Можеби ќе бидат потребни пет години, веројатно и повеќе, но важно е што се движиме кон целта и со секој чекор се приближуваме до Европската унија“, вели Дескоска.