И два дена по последните настани во партијата Левица, во јавноста и натаму е неизвесно кој или кои членови на Политбирото се легитимни, а кои се делегитимирани и повеќе не се дел од највисокото партиско тело. Внатрепартиската пресметка се води на социјалните мрежи, со меѓусебни обвинувања за извршен или спречен пуч, па не се знае кој кого, всушност, пучира, кој за што е, кој за кого е, а најмалку се знае што е, каква е или каква ќе биде легитимната партиска политика?!

Од една страна, професорот Димитар Апасиев преку својот ФБ профил објави дека е извршен неуспешен обид за пуч во Левица! Според него, Фб пејџот и веб страницата на Левица се хакирани.

Апелираме до јавноста да не потпаѓа на лажните шпекулации кои деновиве, додека не ги повратиме овие канали на комуникација, ќе бидат пласирани од овие приврзоци на Власта!

ps Симптоматично е шо секогаш кога има предизборен период има и обид за удбашки пуч во Левица!? Абе дечки, веќе сте прочитани и не сте интересни .

По ова, Апасиев даде и свое кратко образложение за тоа кој стои во заднина и што е дел од играта.

Советникот на Министерот за финансии во ВЛАДАТА НА СДС поставен за нов админ на украдениот фб пејџ на Левица.Сега дали ви е појасно како е оркестрирана и водена владината кампања за смислен ПУЧ во Левица и чив приврзок е уценетиот Здравко Савески?Среќа што дејствувавме навремено, па успеавме да ја спасиме Партијата од четвртиот обид за преземање во нашето тригодишно постоење .

#ЈакобинскотоКрило

Неговиот колку до вчера близок соработник Здравко Савески, исто на фејсбук, пак, го обвини токму Апасиев за направен пуч во Левица. За поголема тежина на својот статус тој го користи и партискиот Пленум, па неговата објава ја толкува како објава и на Президиумот.

Упатуваме јавен демант за лажната вест, која се прошири по медиумите, дека во политичката партија Левица имало обид за пуч. За волја на вистината, мала група предводена од Димитар Апасиев, спротивно на Статутот и законските одредби, на антидемократски начин се обидоа да ја преземат контролата во партијата именувајќи се самите себе за Президиум и Централен комитет, без знаење на две третини од членовите на Централниот комитет и апсолутното мнозинство на Президиумот, како и поширокиот број на членови.
Сакаме да потенцираме дека Левица не е само Димитар Апасиев и дека оваа партија ја создадовме за коренито реобликување на стварноста, а не да робува на неговиот политички опортунизам.
Да не дозволиме единствената искра за суштинска промена на општеството да згасне под притисокот на гробарите на овој народ, а тоа се СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ.

Во вториот статус, Савески образложува дека суштината на судирот во Левица не е личен, туку политички. Поврзан е, како што вели тој, со прашањето за што ќе се бори Левица и каква структура ќе има.

Притоа, Савески наведува дека суштински е дали Левица ќе јава на национализмот и ќе го поттикнува или ќе се бори националниот револт да го трансформира во социјален револт, дали ќе стане султан-партија на чело со султанот Апасиев, кому никој не ќе смее да му презбори или ќе остане единствената партија која ја унапредува внатрешната демократија, во која идеите и принципите се важни, а не целата партиска инфраструктура да се потчини на промовирањето на кој било поединец. Во редицата прашања тој поставува уште две дилеми. Прво, дали Левица ќе стане збирштина на луѓе, кои сакаат да извлечат лична корист од партијата, или ќе остане партија во кои луѓето се вложуваат во борбата за похумано општество, ако треба и по цена на личниот интерес. И второ, дали партијата не стана сателит на СДСМ за да стане сателит на ВМРО-ДПМНЕ или треба храбро да продолжи самостојно и да биде единствената искра надеж дека може да се владее дијаметрално спротивно од она што го правеа СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во сите овие 30 години.

Димитар Апасиев сака од Левица да направи десничарска партија со левичарско име, потчинета нему. Ние сакаме Левица да остане партија која се бори за интересите на работниците, сиромашните и обесправените и, како таква, единствената левичарска партија во Македонија. Се надевам дека ќе успееме да ја одбраниме Левица од обидот за пуч и дека Левица, сепак, нема да стане само уште една од долгата низа клиентелистички партии во Македонија, вели Савески.

По се изгледа, приказната нема да заврши тука и ќе следуваат нови продолженија.