Лидерите од земјите од Западен Балкан и од земјите- членки на ЕУ од регионот, меѓу кои и претседателот на Владата на Македонија Димитар Ковачевски, вечерва во Атина ќе учествуваат на неформалната вечера што ја организира грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Неформалната вечера што ќе се одржи во Премиерската палта е за проширувањето на Унијата и европската иднина на регионот по повод 20-годишнината од Самитот ЕУ- Западен Балкан и „Декларацијата од Солун“, а поканата на Мицотакис ја прифатиле и претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, кои ќе присуствуваат на вечерата.

Според информациите на дописничката на МИА од Атина, на вечерата ќе присуствуваат премиерите на  Македонија и на Косово Ковачевски и Курти, претседателите на Србија и на Црна Гора, претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, како и лидерите на земјите од регионот кои се членки на ЕУ, премиерите на Бугарија, Хрватска и Романија, додека пак Албанија била поканета на претседателско ниво, но нема да има претставник во Атина.

Во Грција, неофицијално се споменува дека можно е да присуствува и претседателот на Украина Володимир Зеленски, информација за која, веројатно од безбедносни причини, нема официјална потврда