Епидемиолошката слика во државата релативно стабилна. Бројот на новозаразени од направени тестирања веќе неколку недели се движи околу 13 проценти во просек дневно. Паралелно се одвива и вакцинацијата. Досега се ревакцинирани 44 проценти од полнолетните граѓани во државата, информираше вчера Министерството за здравство.

Во текот на завчерашниот ден биле аплицирани вкупно 5.246 дози вакцини, од кои 1.253 аплицирани како прва доза, 3.897 ревакцинирани, а 96 граѓани примиле трета доза вакцина.

– Заклучно со завчера вкупно се вакцинирани 791 141 граѓанин, ревакцинирани се 737 979, а трета доза примиле 425 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Педесет и три отсто од граѓаните над 40 -годишна возраст, како што се посочува, се ревакцинирани, а 32 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле една доза вакцина.

– Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 47 отсто, а со две дози опфатени се 44 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во земјава е вакцинирана, а 35 отсто од вкупното население е вакцинирано со две дози вакцини, информираат од Министерството за здравство.