Поттикнувањето на регионалната соработка преку иницијативата „Отворен Балкан“ продолжува на работен состанок денеска во Белград, на којшто во име на Владата на Република Северна Македонија учествува вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров.
Димитров вчера при пристигнувањето во Белград рече дека регионалната соработка има исклучителна важност за остварување на заедничките стратешки определби на кои Владата е посветена без оглед на политичката ситуација, а потврда за тоа е и неговото учество на овој состанок.
– Јас пред сѐ доаѓам со порака дека регионалната соработка е апсолутно европска приказна, дека сакаме да продолжиме да ја продлабочуваме. Додаваме еден важен сегмент утре – како дигитализацијата може да ни помогне за да ја забрзаме и продлабочиме регионалната соработка, изјави вчера Димитров при пристигнувањето во Белград.
Доаѓам во момент, додаде Димитров, кога како што знаете, во нашата Македонија, во Северна Македонија завршија локални избори, има извесни политички предизвици, а и политичка криза на некој начин.
– Важно е да дадеме сигнал дека како Влада, како држава, сме целосно посветени на оваа иницијатива што се роди на Балканот и чија што цел првенствено е европски Балкан, истакна Димитров.