„Одлуката на шведскиот Врховен суд само го потврдува ставот на одбраната кој беше ознесен и во воведните говори и во текот на целата постапка и во завршните зборови, а тоа е дека од дејствијата на обвинетите не произлегува кривичното дело терористичко загрозување, туку можеби евентуално други кривични дела како, на пример, насилство, учество во толпа, злоупотреба на службена положба и други“, вели за Пресинг Тв адвокатот Звонко Давидовиќ.

Пресинг Тв побара негов став и мислење по одлуката на Шведска да не го екстрадира во Македонија, Дејан Давидовски, кој заради учество во собраниските настани од 27 април 2017 година беше обвинет и баран со потерница на Интерпол. Давидовски беше уапсен од страна на шведската полиција во април годинава.

Како што пренесуваат домашните портали, решението зошто шведскиот Врховен суд одбил да го испорача Давидовски е образложено во 18 точки. Во образложението се наведувало дека, според Судот, Давидовски бил гонет и треба да биде суден во политички, а не криминален процес, дека не постојат доволно докази за дело тероризам, а крајната оценка е дека за овој предмет не се води фер и законски основана постапка. Поради тоа, шведскиот Врховен суд му препорачал на Давидовски да поднесе барање за азил за да не биде и понатаму цел на политички прогон од Македонија.

Давидовиќ вели дека во моментов ваквата одлука не им помага на првостепено осудените за собраниските настани од 27 април, зашто веќе е во тек жалбена постапка и следува изјаснување на Апелациониот суд. Но, додава дека таа во многу ќе помогне во постапката, што сигурно ќе биде покрената пред Европскиот суд зачовекови права во Стразбур, по исцрпување на сите правни средства во Република Македонија.

Со оглед дека се работи за обично лице, кое не било ниту партиски, ниту државен функционер, доволно говори дека шведскиот Врховен суд многу сериозно ги земал предвид сите факти и околности при носењето на неговата одлука и тука ни случајно не може да стане збор за некаква сибјективност. Ние можеме да дискутираме за неа, да се согласуваме или не, но она што е битно е дека одлуката, заедно со извештајот и оценките на Прибе јасно покажуваат оти се потребни коренити и суштински реформи во судството, како кадровски, така и нормативни. Зашто, ова е ситуација, што ни се повторува, вели Давидовиќ.

Притоа, Давидовиќ ги има предвид претходните одлуки на Грција и Унгарија, исто така земји-членки на ЕУ, кои не одговорија позитивно на барањата на македонските власти за екстрадиција на Горан Грујевски и Никола Бошковски, како и на екс-премиерот Никола Груевски.

Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска не може да каже дали шведските власти погрешиле или не, зашто не го видела образложението со кое се оправдува одлуката за одбивање на барањето за екстрадиција на Давидовски. Но, таа не може да се согласи дека станува збор за политички прогон.

Според мене, искажувањето дека се работи за политички, а не за криминален процес е прејако, вели Цаца Николовска.

Таа додава дека на сите ни е јасно дека во нашето правосудство има сериозни проблеми, меѓутоа секој предмет треба поединечно да се гледа.

Вака излегува дека повикувајќи се на политички прогон сите избегнуваат кривична одговорност и „забораваат“ дека довеле во опасност други животи. Тој политички прогон треба да го докажат и тоа е најголемиот проблем. Зашто, физичките напади на други лица не може да се третираат како политичко изразување. Со што и како тие лица ќе докажат дека судот ќе биде пристрасен? Затоа, мора да завршат сите постапки пред домашните судови, па дури потоа да настапат пред Судот во Стразбур и тој да донесе одлука дали постоеле или не постоеле елементите, што сега се наведуваат, вели Цаца Николовска.

Богдан Илиевски: Рекетарскиот процес за 27 април допрва ќе доживее правда

“Шведска одби екстрадиција на обвинетиот за 27 април Дејан Давидовски.
Според шведскиот суд Давидовски е гонет и би бил суден во политички а не криминален процес, и дека не постојат доволно докази за дело тероризам и за овој предмет не се води фер и законски постапка”

Му препорачале да побара и азил во Шведска.

Како рековме – вистината е како шило. Кога тогаш, излегува на површина. Катичи тредичи ќе ви потврди.

Рекетарскиот процес за 27 април допрва ќе доживее правда. Не затоа што јас или ти така сакаме, туку затоа што тоа се Божјите закони кои корумпирани чинители во правниот систем не може да ги тумачат по свое.

Вака еден од оние кои беа обвинети за случувањата во Собранието на 27 април, Богдан Илиевски, на својот ФБ профил ја коментираше одлулата на судот во Шведска да не го екстрадира Дејан Давидовски.