Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, испратил дописи со кои побарал итни одговори од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, од директорот на УБК, од претседателот на Основниот суд Скопје 1 –  Врз основа на што се следат активностите на шефот на државата и неговиот кабинет?

Ова е дел од последното соопштение на претседателскиот кабинет, што уследи по обелоденувањето на документите класифицирани како државна тајна „строго доверлив“, врз основа на кои поранешниот министер за транспорт и врски и обвинет во предмети на СЈО, Миле Јанакиески, беше испратен во притвор. Одлуката на судот следуваше по бегството на екс-премиерот Никола Груевски во Будимпешта.

Тоа што веднаш паѓа в очи се дијаметрално спротивните ставови во документот и во соопштението од кабинетот. Во документот, меѓу другото, стои дека побараниот притвор за Јанакиески се должи на сознанија добиени преку посредник, според кои, тој, исто како и Груевски, планирал бегство од државата. Во соопштението, пак, се наведува дека имало директна средба меѓу шефот на државата и поранешниот министер на која воопшто не биле дискутирани темите амнестија или аболиција.

Очигледно, „некој не е од овде“.

Клучно е како УБК може да направи ваков „превид“! Имало или немало посредник? Ако имало, дали тоа значи дека бил испратен по нивна директива за да се „провери“ претседателот на државата и да „му се спакува“ на поранешниот министер? Ако немало, како знаеле за содржината на разговорот меѓу Иванов и Јанакиески? Дали тоа значи дека во кабинетот на претседателот на државата има поставено „бубачки и други шумски ѕверки“? Или, пак, лице кое е дел од неговото најблиско опкружување, што ќе рече човек од доверба, кое „работи“ за „други наредбодавци“?

Има многу прашања на кои шефот на државата со право бара одговори. Иако, врз оваа основа можат да се извлечат уште мал милион други. Само, останува отворена дилемата дали воопшто ќе биде удостоен со такво нешто, зашто штотуку промовираниот скандал ќе прерасне во нешто многу повеќе од тоа.

А, само пред кратко време, на 5 овој месец, согласно препораките на Прибе, беа промовирани моделите за реформа на УБК и Агенцијата за разузнавање. Тогаш министерот Оливер Спасовски, меѓу другото, рече:

УБК треба најмногу да доживее реформа на умот, заради тоа што сметам дека начинот на кој досега се дејствуваше во оваа Управа, начинот на кој беа бирани кадрите, политичките влијанија, криминалните структури. Новите кадри кои влегуваат да не прираснат на стариот начин на раководење, размислување во службата и тоа ќе биде сериозен предизвик. Да создадеме механизми за добри професионални кадри, кои ќе можат да оддолеат на предизвиците на времето во кое се развива македонското општество, нагласи тогаш Спасовски.

Овие зборови на министерот се дијаметрално спротивни од реалноста, а сликата е уште покатастрофална по бегството на екс-премиерот Груевски. Дотолку повеќе што се во многу наликува на настаните од средината на 60-тите години на сега веќе минатиот век поврзани со прислушувањето на маршалот Тито и расчистувањето со Александар Ранковиќ. Само сега, од оваа временска дистанца, со директно прашање – Дали министерот Оливер Спасовски може да се најде во улога на македонски Александар Ранковиќ?

Што се однесува до претседателот Иванов, тој има оправдана основа за стравување. Зашто, не е мала работа да се следи или прислушува врховниот командант на било која држава, па било да станува збор и за Македонија, ваква каква што е. Далеку од тоа тој да може да се спореди со Маршалот. А, како утеха, чисто историска, и Крсте Црвенковски, некогашниот прв човек на македонските комунисти и член на комисијата за расчистување со прислушувањето на Тито, која и му пресуди на Ранковиќ, бил следен од репресивниот апарат. Псевдонимот му бил „Врховни“.