Јавното обвинителство информира дека во континуитет ги следи случувањата поврзани со изборниот процес преку формираната привремена Комисија за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела од Глава 16 од Кривичниот законик – „кривични дела против изборите и гласањето“, како и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на локалните избори.

– Јавните обвинители  посветено постапуваат во борбата против кривичните дела поврзани со изборниот процес и гласањето, давајќи придонес кон нивно сузбивање и превенирање, наведуваат од ЈО.

Обвинителството информира и дека во текот на утрешниот изборен ден ќе бидат воспоставени дополнителни дежурства во јавните обвинителства.

– Во процес на меѓусебно координирано известување, Комисијата ќе го следи процесот на гласање. Итно и со приоритет обвинителствата ќе продолжат да постапуваат по индиции за извршени кривични дела поврзани со изборите. Добиените известувања веднаш ќе се проследуваат до соодветните основни јавни обвинителства, во насока на проверка на наводите и донесување на одлуки за натамошно постапување, се додава во соопштението.

Јавното обвинителство воедно потсетува дека во функција е отворената електронска адреса izbori@jorm.mk, каде секој кој смета дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес може да достави поднесок или пријава до Комисијата за следење на изборни нерегуларности.​