Се уште непотврдената, објаснета или демантирана информација на Плусинфо за депешата, што лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ја испратил до западни дипломати и европратеници предизвикува огромно внимание како поради содржината, така и заради слободата, што се граничи со отворена дрскост и безобразие на екс-премиерот во пресрет на парламентарните избори, без разлика за кога ќе бидат закажани тие. До сега не беше непознато дека СДСМ се служел со ниски удари пред меѓународниот фактор на адреса на неговиот главен политички опонент, што повеќе од очигледно станува и негова пракса.

Но, без преседан е лидер на владејачка партија да бара елиминација на својот политички ривал од опозицијата на фонот на некаква „реална закана за иднината на државата“ и самиот да изрази подготвеност да „помогне“ во изборот на новиот опонент! Тајминогот, пак, што е избран отвара дилема дали депешата ја пишувал Зоран Заев или максимално експонираниот во последно време бугарски вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов во негацијата на Македонија, Македонците, македонизмот и „украдената„ од него ВМРО.

Од каде мислењето и тврдењето на Заев дека лично он презел обврски за реализација на двата договора со Грција и Бугарија, а не државата, како и да се именува таа? Дали со ова тој самиот признава дека зад содржината на договорите се крие нешто сосема друго и многу покрупно од тоа што досега и е познато на јавноста и како граѓани на оваа држава го преживувме во изминатите неколку години? И, што, впрочем, може да биде тоа и кога, каде и пред кого Заев ги дал тие се уште непознати ветувања?

Неспорен факт е дека во досегашната реализација на договорот со Грција на Заев апсолутно никој во ништо не му попречи. Дотолку повеќе, што во одредени сегменти власта предводена од него не само што трчаше „како прле пред магаре“, па оствари одредби уште пред да биде тоа предвидено со договорот, туку без никаква пречка самата не успеа да ги заштити ни елементарните точки, особено во употребата на придавката македонско/и/а. Ни внатре во државата, ни надвор од неа. Напротив, самата отворено се проституираше, па те стави плочки на спомениците, те извади ги, те бруси ги шахтите и плоштадите, те остави дел од нив, те… И притоа немаше ниту една реакција и во најмала форма или облик на јавен протест од страна на граѓаните. А, реакциите на социјалните мрежи или во медиумите се сосема друга работа. Освен ако не станува збор за промоција на нескриена диктатура, па да не смее никој јавно да го изрази ни сопственото размислување!?

Максимално индикативна е употребената терминологија за лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од типот „реална закана за иднината на државата“. Чисто подземна политичка формулација од најцрните времиња на комунистичкиот тоталитаризам на која може да и позавидат и најголемите наци и фаши пропаганди. И, во прашање е ликот и делото на Мицкоски, неговите политички ставови и размислувања или, пак, идеолошката матрица по која делува партијата, што ја раководи?

Зачудува ваквиот став на Заев во време кога на сиот глас се фали дека според сите анкети и како партија и како личност водат пред опозицијата. Ако е толку сигурен и убеден во својата победа на изборите, зошто има потребасега пред нив да реагира? Дотолку повеќе што Мицкоски не е на ниту една од изборните листи, што природно значи дека ако не успее на изборите, самиот ќе се повлече од политиката, следствено и од лидерската позиција во партијата. И неговиот евентуален наследник може да се избира во внатрепартиска процедура.

На крајот, депешата на Заев, доколку се потврди дека е се точно тоа што го пишува „Плусинфо“, доаѓа во момент кога постои отворена разлика во толкувањето и читањето на одредбите од договорот со Бугарија. И ни помалку, ни повеќе, туку меѓу шефот на државата Стево Пендаровски и Зоран Заев. Дали основата на договорот е споделена, заедничка или најново, општобугарска историја. Само за потсетување, претседателот Пендаровски излезе со став дека, парафразирано, ако нема македонски јазик и Македонци, тогаш не ни треба ни ЕУ. Такво нешто од Заев не се слушна, туку остави институции на системот да се јават во одбрана на македонскиот јазик. Што слободно може да се протолкува дека тоа што Заев го именува како македонски национализам во лицето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, сега самиот институционално го практикува во форма на македонски институционален национализам! И за тоа ли е Мицкоски „реална закана за иднината на државата“!?

За да не биде залудно споменувањето на Каракачанов само како потсетување треба да се спомене неговото отворено мешање во внатрешните работи на Македонија и заземањето страна пред изборите. Исто како и Станишев.

Но, тоа што треба вистински секого да загрижи се најновите пораки што пристигнуваат од индивидуалци во Софија. На пример, во текст на бугарски Факти.бг, меѓу другото, се забележува дека, повторно парафразирано, ако Македонија не сака да доживее целосен општествен колапс, „смртта“ на македонизмот ќе мора да го пречека со максимално издигнат бугаризам. Гочита ли Заев тоа или токму тука лежи потребата за скандалозната депеша!