Дали Владата со најавата дека ќе се реагира во одлуките на АСНОМ ќе ја засили или ослабне неговата важност?! . Откако стана јасно дека со уставните промени по вторпат ќе се реагира и во Преамбулата се поставува прашањето кои делови ќе бидат засилени и дали од неа ќе биде нешто отстрането во контекст на АСНОМ.

Најавувајќи го процесот на уставни измени согласно договорот со Грција владата објави дека заради услогласување на текстот на Преамбулата ќе бидат извршени соодветни измени.

Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија при наведувањето на државно-правните традиции, ќе се именуваат конкретни документи на АСНОМ, односно ќе се внесе повикување на Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ, со неговите конститутивни одлуки. ​​

Целта на овие измени на Уставот е имплементација на Договорот со Грција со што треба да се овозможи пристапување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО, посочуваат од Владата.

Во прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание стојат девет решенија.

Прво, Македонија ја прогласи за федерална држава, во нова, Демократска Федеративна Југославија; 2. Народното Собрание се конституира во врховно законодателно и исполнително представителство на македонската федерална држава; 3. Се донесе декларација со која се гарантира слобода и рамноправност на секој граѓанин и граѓанка во Македонија без разлика на вера, националност и политичка припадност, право на секој граѓанин и граѓанка над 18 година да избира и да биде избран, слобода на совеста и вероисповеданието, право на бесплатна просвета итн; 4. Се формира Президиум на АСНОМ со функции на привремено народно претставителство на македонската федерална држава; 5.Македонскиот народен јазик се воведува како службен јазик; 6. Се воведува Илинден 2 август се прогласува за народен и државен празник на Македонија;7. Се формира Комисија за испитување војните злодејствија, направени од окупаторите и нивните слуги;8. Се формира комисија за изработување законски проекти на македонската федерална држава;9. Се избраја 40 претставители на македонскиот народ за АВНОЈ и неговиот Президијум.

Се отвора прашањето кои од овие девет точки според Владата се конститутивни одлуки. Според професорот Новица Вељановски за „Пресинг Тв“ објаснува дека од вкупно деветте документи само четири имаат државно-конститутивни елементи во потесна и во правна смисла на зборот.

Тоа се решението за одобрување на решенијата и наредбата на главниот штаб на НОВ и ПОМ, решението за утврдување на АСНОМ како врховно законодавно и извршно Народно претставничко тело и највисок орган на државната власт во Македонија, решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик и решението за прогласување на 2 август за државен празник.

Според владиниот портпарол Миле Бошњаковски при наведувањето на државно правните традиции ќе се именуваат конкретни документи на АСНОМ, односно ќе се внесе повикување на Прогласот, од првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ со неговите конститутивни одлуки.

Премиерот Заев денеска во врска со измените во Преамбулата изјави:

Се зајакнуваат одлуките на АСНОМ кои што говорат за еднаквоста на граѓаните, за државотворноста, за самобитноста и сувереноста, за слободата, за човековите права, за демократијата.Прстпоставувате зошто, заради тоа што не смее да има претензии спрема други земји и други територии, туку АСНОМ во суштина е тоа-државотворност, демократија, самостојност, самобитност и еднаквост, што е многу важно, затоа што таа била нешто што е реалност -вели Заев.

Според сево ова, се чини најспорен дел од АСНОМ е делот каде што се споменуваат Македонците во Грција и во Бугарија и повикот за нивно обединување.

Игор Чавески, Предраг Димитровски