По обраќањето на премиерот Зоран Заев од собраниската говорница, спикерот Талат Џафери ја прекиа седницата за уставни измени. Продолжението на истата го закажа за утре во 13 часот.

Вашата позитивна одлука тука во Собранието денеска ја приближува Македонија до членството во НАТО, до моментот кога македонското знаме гордо ќе се вее на јарболот во Брисел со знамињата на останатите земји-членки, но исто така и ја прави извесна можноста во јуни да ги отвориме првите поглавја во преговорите со Европската унија, кои треба да ги затвориме во 2025 година, порача Заев обраќајќи им се на пратениците.

Тој рече дека големината на историската одлука треба да ја препознаат сите.

Вашиот глас е глас за полноправно членство на земјата во НАТО за помалку од една година, вашиот глас ја става земјата во семејството на ЕУ, нагласи Заев и додаде дека секој глас „против“ е всушност глас за изолација и нова политичка криза. Да ги кренеме главите и да се издигнеме над поделбите, им порача Заев на пратениците, додавајќи дека пред нас се белите страници на нашата иднина.

Денешниот ден и вашата одлука на крајот на седницата е става поблиску до чинот кога ќе го потпишеме протоколот за пристапување во НАТО, посочи премиерот и истакна дека Македонија ќе биде 30.членка на Алијансата, а Грција ќе биде прва која ќе го побара тоа.Изнајдовме достоинствено и прифатливо решение за двете страни, нагласи Заев. Со целиот овој процес се затвора прашањето дали постои македонски народ и дали зборуваме на македонски јазик, а се отвораат и перспективите за секоја нова идна генерација. Имаме кристална и недвосмилена потврда за македонскиот идентитет, Македонец, Македонка, Македонци, како дома, така и во странство преведено без ограничувања на сите јазици во светот. Македонски идентитет за севкупна употреба. Конечно Грција повеќе не го оспорува нашето право за самоопределување, нагласи премиерот.

Истакна дека во целиот процес никому ништо не сме му подариле, ниту некој на некого нешто одзел кога била договорена географската одредница.

Изрази благодарност до коалициските партнери, ДУИ, ДПА, Беса на Африм Гаши, осумте исклучени пратеници  ВМРО-ДПМНЕ, кои покажале конструктивност во целиот процес за разлика од останатите пратеници од македонскиот опозициски блок.

Се заблагодари и на Алијансата за Албанците  и на партијата БЕСА на  Биљал Касами.

Преку овие пратеници, како што рече Заев, се подобрил новиот Устав  во функција на едно општество за сите, „ затоа што и покрај тоа водеа грижа за разбирањето на македонската етничка заедница  од нашата заедничка Македонија.“

Очекувам дури и конечните одлуки од БЕСА на Биљал Касами ќе останат позитивни токму во овој фокус, рече Заев.

За прогласување на амандманите е потребно двотретинско мнозинство, односно за нив да гласаат 80 од вкупно 120 пратеници во Законодавниот дом.

По прогласувањето на амандманите пратениците треба да го изгласаат и уставниот закон за нивно спроведување. Овие амандмани ќе бидат составен дел на Уставот на Република Македонија и ќе влезат во сила со влегување во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба.