Националната галерија на Македонија  доби грант од 91.000 американски долари од Амбасадата на Соединетите Американски Држави преку Амбасадорскиот фонд на САД за заштита на културата за 2018 година  за проектот „Санација на оштетувањата од влага (ентериер и екстериер), заштита од продор на атмосферска вода, заштита од УВ-зрачење и оградување на културното добро. Договорот за доделување на грантот во Чифте амам го потпишаа американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли и министерот за култура Асаф Адеми.

Реализацијата на проектот е придвидена да се одвива во временски период 18 месеци. Веќе започна во јуни месец во 2018 та година, а се планира да заврши во јуни месец 2019 та година. Истиот ќе се одвива во повеќе фази со финансиска партиципација на Министерството за култура во рамки на инвестициските проекти од буџетот на Министерството за 2018 та година во износ од 2.000.000  и со помош на средства од доделениот грант во висина од 91.000 американски долари, истакна Дита Старова Ќерими директорка на Националната галерија на Македонија.

Министерот за култура Асаф Адеми рече дека со потпишувањето на договорот продолжуваат заложбите да се обезбеди долгорочност на овој репрезентативен споменик на културата дел од Националната галерија на Македонија, што е и е во функција на мултимедијален изложбен простор.

Доделувањето на грантот од Програмата „Амбасадорски фонд на Соединетите американски држави за заштита на културата“ за оваа година, претставува најголемо достигнување во менаџерската практика на Националната галерија на Македонија и обезбедување на небуџетски извор на средства, додава Старова Ќерими.

За многу посетители Старата скопска чаршија е жив музеј под отворено небо, мултикултурен простор полн со енергија и своевиден тестамент на мирен соживот на луѓе без разлика на религија, јазик и етничка припадност. Овој проект е пример за добра соработка меѓу САД и Владата на Република Македонија, забележа  американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли.

Ова е втор грант што Националната галерија на Македонија го добива од Амбасадата на САД. Првиот  ѝ  беше доделен во 2010 година за реконструкција и изведба на дренажен канал на Даут-пашиниот амам.