Откако премиерот Димитар Ковачевски во петокот со својот бугарски колега Галаб Донев во телефонски разговор се заложија за мирно и безбедно чествување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари, вчера во посета на земјава беше бугарскиот министер за надворешни работи Иван Демерџиев кој со својот македонски колега Оливер Спасовски по нивната заедничка средба порачаа дека нема да се дозволи никаков инцидент на одбележувањето што треба да се одржи в сабота и оти во тој правец македонската полиција ги презема сите потребни мерки. Во меѓувреме, САД ги повикаа Бугарија и Македонија да ја деескалираат својата реторика и брзо да ги решат билатералните спорови.

Ова за Гласот на Америка го соопштиле од Стејт департментот, одговарајќи на прашањето како ја коментираат одлуката на Бугарија да го повлече бугарскиот амбасадор од Скопје.

Иднината на Македонија е во ЕУ. САД продолжуваат да ја поддржуваат целосната евроатлантска интеграција на земјата, се вели во изјавата од Стејт департментот.

Бугарија минатата недела го повлече амбасадорот по нападот на секретарот на бугарскиот клуб „Борис Трети” во Охрид.

(фото: МИА)

Шефот на бугарската дипломатија Николај Милков тогаш најави дека нивниот амбасадор ќе остане во Софија се додека, како што рече, не биде регистриран напредок во однос на третманот на македонските граѓани со бугарска самосвест во Македонија.

Од македонското МНР, пак, синоќа за МИА потврдија дека бугарскиот амбасадор, сепак, се враќа на своите дипломатски должности во Скопје во полн капацитет.

Во моментов, како што вели премиерот Ковачевски, нема најава за официјална посета на делегација од Бугарија за чествувањето на раѓањето на Гоце Делчев, но, посочува оти се уште има време до сабота.

Според него провокации на поединци, кои имаат име и презиме и кои се санкционирани согласно законите во нашата држава не можат да бидат основа и не можат да претставуваат основ да се смета дека цела наша држава или нашите институции имаат таков однос.

Ние сме држава која на највисоко ниво го има издигнато остварувањето на правата на граѓани коишто се самоопределуваат на друг начин од Македонците, кои сме најбројни во државата. За тоа имаме институции, за тоа имаме уставно уредување, за тоа имаме низа на закони какви што закони нема ниту една земја во Европа. Тоа е нешто на што можеме да бидеме горди, изјави вчера Ковачевски по завршувањето на првиот панел од конференцијата „Година на нови можности”.

Од друга страна, како што посочи тој, постојат политичари во Бугарија кои со национализам и со популизам сакаат да добијат глас повеќе за наредните избори во Бугарија, а, според него тоа слично се случува и кај нас кога сме во избори. Но, тие, како што потенцира, не може да бидат основата за градење на односи меѓу двете држави.

На ниво на односи меѓу две страни потребна е деескалација од двете страни и добро е што изјавата која што доаѓа од официјална Софија е дека тие сакаат деескалација, рече Ковачевски, додавајќи дека ние како држава ќе направиме се за 4 февруари да биде одбележан на достоинствен начин без можност за провокации.

Тој порача дека граѓаните можат да бидат мирни, достоинствено да го чествуваат роденденот на херојот и великанот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев.

Во однос на тензиите, Ковачевски рече дека се предизвикани од поединци и од групи кои се против европскиот пат на Македонија и против интеграција на регионот во ЕУ.