По обезбеденото двотретинско мнозинство при гласањето во Собранието со што беше изгласана потребата за измена на Уставот, задоволство од резултатот изразија голем број претставници од грчката влада.

Честитки за исходот од гласањето на своите твитер профили искажаа портпаролот на Владата, Димитрис Ѕанакопулос, алтернативниот министер за надворешни работи Јоргос Катругалос и министерот за дигитална политика Никос Папас.

Се направи првиот голем чекор за да стапи во сила историскиот Договор од Преспа. Гордо продолжуваме за Балкан на мирот, пријателството и на соработката, напиша Ѕанакопулос.

Добиено потребното мнозинство за уставни промени во ПЈРМ. Важен и позитивен чекор. Одиме напред, коментираше преку Твитер, министерот за дигитална политика Никос Папас.

Се потврдува динамиката на Договорот од Преспа во корист на двата народи, но и на стабилноста во регионот, напиша алтернативниот МНР, Јоргос Катругалос и сподели линк со вонредната вест објавена на официјалниот Твитер профил на грчката државна телевизија ЕРТ во однос на резултатите од гласањето во македонското собрание.