Македонија одбележува 28 години од независноста откако по спроведениот референдум во 1991 година македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Во Република Македонија на 8 Септември во 1991 се одржа Референдум на кој граѓаните со право на глас се изјаснуваа на прашањето: Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија. На Референдумот учествува 1,2 милиони наши сонародници, а според резултатите кои беа објавени речиси стопроцентно беше поддржана самостојноста на Македонија.

Според конечните, официјални резултати од 1.495.626 гласачи, на Референдумот излегоа 1.021.880 или 71,85 проценти од граѓаните со право на глас. Од нив 95,09 отсто гласаа ЗА самостојна и независна македонска држава. Текот на Референдумот го следеа 167 домашни и 100 странски акредитирани новинари.

Референдумот во Македонија се одржа во предвечерјето на распадот на СФРЈ, по дефинитивното изјаснување на Словенија и Хрватска дека се определуваат за независност и самостојност. Во Македонија беше спроведено предреферендумска кампања, а на 2 септември беше објавен заеднички проглас на парламентарните и вонпарламентарните партии со кои граѓаните беа повикани масовно да излезат и да се изјаснат ЗА на Референдумот. Партиите на Албанците ПДП и НДП не го поддржаа прогласот.

Поддршка на Референдумот изрази само Унијата на албанската интелигенција. Во кампањата на Референдумот се вклучи и Македонската православна црква која со семакедонска христијанска, православна молитва, преку божествена литургија, одржана на 1 септември во Соборниот храм Свети Климент Охридски, го обнароди значењето на Референдумот како трето илинденско послание.

Во тој период, поточно на 15 јануари 1992 година, Република Бугарија беше првата држава што ја призна независноста на Македонија. Следуваа признавањето од Турција, Словенија, Хрватска, Русија и Босна и Херцеговина… Инаку на Референдумот му претходеше Декларација за независност што првото повеќепартиско македонско Собрание ја усвои на 25 јануари 1991 година формално волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија. Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Сенка врз настаните со кои се појавија темелите на самостојна Македонија фрли бојкотот на Референдумот од страна на дел од албанската етничка заедница и неподдржувањето на новиот Устав од страна на пратениците Албанци.

Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, зачленувањето на ОН беше направено под привремената референца Поранешна југословенска Република Македонија. Република Македонија денес има воспоставено дипломатски односи со 158 држави во светот, а под уставното име е признаена од 117 меѓу кои и три од членките во Советот за безбедност – Кина, Руската Федерација и САД.

Одбележувањето на Денот  на независноста започнаа вчера со испалени 10 плотуни од страна на единицата на артилерискиот баталјон на Армијата.

Под мотото „Боите на независноста“ денеска кај Школка во Градскиот парк ќе се одржи прослава организирана од страна на Владата. Ќе се обрати премиерот Заев.

Во рамки на прославата ќе има богата културно-уметничка и забавна програма. Ќе настапат Петко и „Пет плус“, групата „Ај кју“, Виолета Томовска, Елита Зибери и диџејот Драган Б. Костиќ.

Граѓаните ќе уживаат во традиционалната храна, ќе учествуваат во спортски активности и ќе имаат можност да ја видат изложбата подготвена од деца од малите групни домови. На посебен штанд на Министерството за здравство, ќе можат да измерат крвен притисок и да извршат очен преглед. Припадниците на Министерството за внатрешни работи и на Армијата ќе изведат показни вежби.

Одбележувањето на 8 Септември – Денот на независноста ќе почне со положување цвеќе на партизанските гробишта во Бутел и на вечните почивалишта на трагично загинатиот претседател Борис Трајковски и на поранешниот претседател Киро Глигоров.

Низ 28-годишното самостојно опстојување, државата помина низ низа проблеми и тешкотии. Трицифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат кон остварувањето на стратегиските цели – зацврстување на демократијата, економски развој и интеграција во евроатлантските структури. И политичката криза последните години предизвика застој во процесот на евроинтеграциите, но беше надмината со Договорот од Пржино, декемвриските парламентарни избори и формирањето на ново владејачко мнозинство.

Спорот со Грција околу името беше главна пречка за евроатлантската интеграција на државата.Минатата година на 17 јуни во Преспа во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас да биде потпишан договор меѓу двете држави за решавање на спорот со името. Беше спроведен консултативен референдум на кој не беше испонет цензусот за уставни измени. Сепак Владата одлучи да пристапи кон мрнување на Уставот со став дека најголемиот дел од тие граѓани кои гласале, го поддржале договорот. Ова се реализир наспротипротивењето на опозицијата и голем дел од јавноста. Земјата доби покана за членство во НАТО, а ЕУ за во Октомври го одложи одлучувањето за тоа дали Македонија ќе добие датум за преговори.