Минатата година се чекаше јуни, оваа година се чека октомври. Нема ништо поразлично од заклучоците на Европскиот совет за оваа и ланската година. Она што е важно е дека ниту во 2018 ниту годинава не добивме датум за преговори.

До ваков заклучок може да се дојде ако се споредат двата заклучоци. Пресинг ТВ направи анализа во играта на зборови на бриселската администрација за Македонија.

Најважната разлика е што во ланските заклучоци беше содржана имплементацијата на спорот со Грција како услов, а во овогодинешниот се напоменува како големо постигнување на власта.

Во 2018 година Советот на Европската Унија препорача условен датум за почеток на преговори на Македонија за членство во јуни 2019 година. За да бидат отворени преговорите, Македонија мораше да исполни четири услови: да ги спроведе итните реформски приоритети, да го спроведе договорот со Грција, да добие позитивен извештај од Европската Комисија и одлука од Советот на ЕУ.

Со оглед на напредокот, особено во спроведување на договорот од Пржино, итните реформски приоритети и позитивниот импулс создаден со договорот со Грција за името, Советот се согласува позитивно да одговори на горенаведениот напредок направен од страна на поранешната југословенска Република Македонија и го поставува патот кон отворање на пристапни преговори во јуни 2019 година-стои во дел од заклучокот во 2018 година.

Заклучокот на ЕУ власта го прочита дека датумот е веќе договорен па се организираа прослави на плоштадите ширум Македонија.

Премиерот Заев јавно од собраниската говорница велеше дека датумот е одреден и ја повика и опозицијата да се израдува на овој успех.

Но, во заклучокот на Европскиот совет од пред неколку денови, повторно не се споменува датум туку наведува дека на ова прашање ќе се навратат не подоцна од октомври годинава.

Потврдувајќи ги заклучоците од 26 јуни 2018 година, Советот силно го поздравува историскиот Преспански договор без преседан и добро ја зема на знаење препораката на Европската комисија за отворање на пристапните преговори со Република Северна Македонија врз основа на позитивната евалуација и направениот прогрес во исполнувањето на условите идентификувани од страна на Советот. Со оглед на ограниченото време на располагање и важноста на прашањето, Советот ќе се наврати со цел постигнување јасна и суштинска одлука најбрзо што може и не подоцна од октомври 2019 година, гласи последната верзија на заклучокот за Северна Македонија-стои во заклучокот.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски во изјава за Пресинг ТВ вели дека и во двата заклучоци целта не е постигната, а тоа е Македонија да добие датум за почеток на преговорите за членство.